Според последниот Национален план за управување со отпад, во Македонија постојат над 2.000 нелегални депонии. Овие депонии функционираат без дозволи и без стандарди и се сериозна закана за животната средина и здравјето на граѓаните. Единствена депонија што работи според стандардите е „Дрисла“ во Скопје.
Количини на отпад и рециклирање
Според достапните податоци, во 2023 година, Македонија произвела 350.833 тони комунален отпад, што изнесува околу 460.710 м³. Просечно, секој жител создал 334 kg ѓубре и 0,43 м³ отпад. Опасниот отпад од индустриските и минерални активности изнесува 3.751 тон, од кои дел е непрецизно евидентиран.
Медицинските установи произведле 1.041,38 тони медицински отпад, а депонијата Дрисла согорела 55.487 kg.
Стапките пак на рециклирање се ниски. Пластика: 40,82%, хартија и картон: 93,06%, стакло: 51,02%, метал: 80% и дрво: 20,34% . Обновување на отпад за енергија изнесува 61%, а вкупното рециклирање 58,88%.
Ова значи дека речиси половина од отпадот завршува на депонии или се расфрлува на отворено.
На територијата на Македонија има околу 50 активни нестандардни депонии и над 2.000 диви депонии. Тие го загадуваат воздухот, почвата и водата. Ѓубрето често се фрла во речни корита, каменоломи и предградија, а индустриски, медицински и домаќински отпад се меша на истото место.
Дивите депонии претставуваат сериозен ризик за здравјето на населението и биодиверзитетот.
Еколошки и здравствени ризици
Депониите ги загадуваат почвата и водата, а горењето на отпад ослободува токсични гасови, диоксини и канцерогени честички PM2.5 и PM10. Тие го зголемуваат ефектот на стаклена градина поради метанот што се ослободува од распаѓање на органска маса.
Светската здравствена организација предупредува дека годишно умираат околу 1.300 луѓе од аерозагадување. Болести поврзани со загадувањето од депониите :се рак на белите дробови, мозочни удари, срцеви заболувања, астма и алергии. Контаминација на водата која ја предизвикуаат депониите можат да доведат до дијареа, хепатитис А, и во потешки случаи и колера. Контаминација на почвата со тешки метали и пестициди влијаат на исхраната и здравјето.
Присуството на депонии е здравствено докажано дека предизвикува стрес, депресија и анксиозност поради непријатни мириси и деградација на животната средина.
Пожари на депонии
Пожарите на депониите се честа појава. Летово во пожарот на „Вардариште“ експертите предупредуваа дека се ослободуваат густ чад со токсични гасови и канцерогени соединенија, предизвикувајќи краткорочни и долгорочни здравствени проблеми како иритација на очи, грло и белите дробови, влошување на астма и хронични белодробни болести, хроничен бронхитис, алергии и намалена белодробна функција, долгорочни ефекти од диоксини и тешки метали и кардиоваскуларни ризици
Историја на проектите за регионални депонии
Процесот за модерно управување со отпад започна уште во 2006 година со Законот за управување со отпад, кој постави стандарди за изградба на регионални депонии. Во 2010 година беше подготвена рамка за изградба на пет современи центри во различни региони, но до денес ниту една депонија не е завршена.
Според планот, локациите се: Русино – Полошки регион, Дрисла – Скопски регион, Новаци – Југозападен и Пелагониски регион, Добрешинци – Југоисточен и Врадарски регион и Свети Николе – Источен и Североисточен регион
Средствата се обезбедени преку грантови од ИПА фондовите на ЕУ и заем од ЕБОР, а ЕУ предупреди дека, ако проектите не се реализираат навреме, финансирањето може да се одземе.
Итни мерки и препораки
За да се справи со оваа криза, Македонија мора да затвори нелегалните депонии, да изгради регионални современи депонии, да воведе ефикасен систем за рециклирање, да ја зголеми јавната свест и едукација за управување со отпад и да ги вклучи граѓаните, училиштата и младите во процесот.
Додека тоа не се случи земјава и понатаму ќе се соочува со сериозна еколошка и здравствена криза. Со над 2.000 диви депонии и само една стандардна, надлежите ќе мора итно да преземат чекори за одржливо управување со отпадот. Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО) е најдолгорочно решение, кое ќе го намали загадувањето, ќе го подобри квалитетот на живот и ќе ја зголеми довербата на граѓаните во институциите.
Главниот предизвик кога се депониите во прашање не е само финансирањето, туку и отпорот од локалното население и недовербата кон локалните власти. Граѓаните стравуваат дека нивните заедници ќе станат центри за депонирање на отпад без соодветни еколошки мерки.