Националното финале на овој натпревар се одржа на 15 јуни на игралиштето во Влае, а токму таму тимот EUROEDIL HOLDING со доминантна игра ја освои титулата и го обезбеди својот билет за глобалната сцена.
Глобалното финале ветува светски талент, енергична атмосфера и сосема ново доживување на теренот, поставено на една од најлегендарните локации во градот – просторот пред Museum of the Future во Дубаи.

На светското финале ќе се натпреваруваат 12 женски и 18 машки тимови од 18 земји. Меѓу нив се тимови од Јапонија, САД, Филипини, Турција, Либан, Египет, Јужна Африка, Малдиви и Македонија. Интересна приказна оваа година носи токму нашиот национален тим – во составот на EUROEDIL HOLDING има две братски двојки: Амар и Елвис Хот & Карло и Паоло Блажевски – четворка чија природна хемија јасно придонесе за нивниот впечатлив и успешен настап на националното финале во Влае.
Светското Red Bull Half Court финале ќе се игра на отворено кај Jumeirah Emirates Towers Plaza, кој за овој настан се трансформираше во специјална 3×3 арена за тимовите и публиката. Со Museum of the Future во позадина, локацијата нуди спектакуларен спој од архитектура, урбана култура и спорт.

Оваа година, натпреварувачите и публиката ќе добијат и нов визуелен елемент – интерактивен LED терен што ги оживува сите моменти на терен со динамични графики, анимации и уметнички визуелизации.
„LED подот создава сосема нова димензија и за играчите и за публиката. Тоа покажува што е возможно кога перформансот и креативноста одат рака под рака,“ вели Paul Gudde, глобален спортски директор за Red Bull Half Court.
По два месеци интензивни подготовки, тимот EUROEDIL HOLDING, заедно со својата поддршка од 30 македонски навивачи заминаа за Дубаи, подготвени да ги покажат своите вештини на глобалната сцена.
Тимовите на настанот ќе ги бодрат и големи имиња од светската кошаркарска сцена: Arike Ogunbowale (WNBA и Dallas Wings), Dušan Bulut (четирикратен World Tour шампион и олимпиец) и The Professor, познат по своите вирални видеа.

Патот до титулата ќе се одвива во две етапи: групната фаза ќе се игра на 28 ноември, а ден подоцна, на 29 ноември, ќе се одржи и големото светско финале.
Правилата и понатаму диктираат брза и динамична игра: со 10 минути по игра, 21 поен како максимален број на поени и новитетот од минатата година: зоната за три поени т.е. шутот за три поени.
Како за крај, отворен повик до сите љубители на уличната кошарка, да ги следат настапите на EUROEDIL HOLDING на светското Red Bull Half Court финале преку Instagram профилот на Red Bull Македонија и профилот на Red Bull Half Court и да ги бодрат нашите момци во Дубаи!
