Под влијание на моќен циклонски систем со центар над Џенова, во Македонија денес ќе преовладува облачно и врнежливо време. На повеќе места се очекуваат обилни врнежи од дожд, а во источните предели врнежите повремено ќе бидат поројни, проследени со грмежи и силен јужен и југоисточен ветер, кој локално ќе достигнува брзина и над 60 км/час. Во одделни подрачја овие процеси ќе се манифестираат како локално невреме.
Поради продор на поладен воздух од север, особено кон крајот на денот и во вечерните часови, во Повардарието ќе дува засилен северен ветер.
На планините над 1200–1300 метри надморска височина врнежите ќе преминуваат во снег, при што ќе дојде до зголемување и проширување на снежната покривка.
Во Скопје и Скопскиот регион ќе има врнежи од дожд, повремено и пообилни, со засилен ветер од јужен и југоисточен правец, кој подоцна ќе се сврти од север. Во делови од Скопската котлина ветерот ќе достигнува околу или над 60 км/час. Утринските температури ќе бидат од 2 до 10°C, а дневните од 4 до 11°C.
Во Скопје до 6°C
Поради очекуваните обилни врнежи, постои зголемен ризик од пораст на водостоите на реките и езерата, како и опасност од излевање. Со тоа расте и ризикот од локални поплави во текот на новата седмица.
