Македонија под снег: сообраќајот се одвива во зимски услови

Снег со променлив интензитет има на повеќе патни правци, а АМСМ апелира на прилагодена брзина и задолжително користење зимска опрема.

Поради врнежите од снег и ниските температури, сообраќајот на државните патишта низ Северна Македонија се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози.

Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево и Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека. Надлежните информираат дека во моментов снегот не претставува пречка за нормално одвивање на сообраќајот, но условите на патиштата бараат зголемена внимателност.

Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на движење кон условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата што минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои можност од појава на одрони.

Посебна претпазливост се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. Од 05.15 часот поради врнежи од снег се воведува забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Струга – Г.П. Ќафасан.

Од 15 ноември 2025 година е на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во сите возила, без разлика на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе важи до 15 март 2026 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни