Територијата на Македонија и понатаму ќе биде под силно влијание на длабока циклонска активност со центар над Џеновскиот залив, која постојано се обновува. Во следните денови тоа ќе донесе нови врнежи од дожд, повремено обилни и проследени со засилен до силен ветер од јужен правец.
За време на викендот врнежите локално ќе бидат придружени и со појава на грмежи. Во Скопје продолжува променливото време со повремени врнежи од дожд, кои ќе бидат поинтензивни за време на викендот, кога ќе дува засилен до повремено силен јужен и југоисточен ветер.
На планините над 1400–1500 метри надморска височина врнежите ќе бидат од снег.
До недела (15 февруари) температурите ќе бидат во пораст и над просекот за овој период од годината. Во поголем дел од земјата тие ќе надминуваат 10 степени, а на повеќе места ќе достигнат и околу 15 степени. Во Повардарието и во југоисточните предели за време на викендот се очекуваат температури близу 20 степени.
Сепак, поради продор на ладен бран од север, во текот на ноќта меѓу недела и понеделник (15/16 февруари) и во понеделник (16 февруари) ќе настапи нагло заладување. Ќе дува засилен северен ветер, а врнежите од дожд ќе преминат во снег – не само на повисоките места, туку и во дел од градовите, особено во западните и северните делови од Македонија.
