Јавното претпријатие „Македонија пат3, излезе со соопштение во кое информира дека и покрај тоа што сообраќајот по државните патишта се одвива по зимски услови и претежно по влажни коловози, сите патни правци во моментов се проодни.
„На планинските превои Попова Шапка, Стража, Маврово–Брод и Буково провејува слаб снег, без подолго задржување на коловозот. На одредени патни правци кои минуваат низ усеци и клисури е можна појава на поситни одрони поради што препорачуваат зголемено внимание при возење“, соопштува „Македонија пат“.
Јавното претпријатие апелира возачите внимателно да управуваат со возилата, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да ја приспособат брзината според условите на патот.
Од таму велат дека дежурните екипи се постојано на терен и ги одржуваат патните правци проодни и безбедни за сообраќај.
Преку видео обраќање информација за проодноста на патните правци во државата деде и министерот за транспорт Александар Николовски. Тој информираше дека на терен видел оти патишата се проодни и дека нема застој.
„Во близина на селото Скудриње сме. Има две секции кои веќе се покриваат, едната е Косоврасти, другата е Маврово. Веќе се ставени во функција сите камиони со кои располага ‘Македонија пат’, а исто така помагаат и компаниите кои се ангажирани да работат на расчистување на снегот“,изјави Николоски додавајќи дека и во следните денови ќе биде во постојана комуникација и координација со „Македонија пат“ со цел непречено одвивање на сообраќајот во државата.
Министерот апелира граѓаните да возат внимателно, да користат зимски гуми, доколку е потребно и помошна опрема, како и да ја приспособуваат брзината на возење согласно условите на теренот.
