Македонија направи исчекор во трансплантацијата на рожница- 16 операции за ново враќање на видот

На Клиниката за очни болести во Скопје минатата недела беа извршени 16 трансплантации на рожница кај пациенти од 13 до 80 години

На Клиниката за очни болести во Скопје, минатата недела беа извршени 16 трансплантации на рожница (кератопластика) кај пациенти на возраст од 13 до 80 години, во рамки на високо специјализирана хируршка програма реализирана со мултидисциплинарни тимови и соработка со странски експерти.

Интервенциите беа спроведени во координација на домашните хирурзи од Одделот за преден сегмент на окото, предводени од директорката на клиниката д-р Наташа Трпевска-Шекеринов и др Христојан Дума, заедно со експерти од Универзитетот „Дјук“ од САД, предводен од проф. д-р Лојд Вилијамс. Во операциите учествувале офталмолози, анестезиолози, инструментарки и друг медицински персонал.

Современи хируршки техники применети за првпат

Кај пациентите биле применети три типа хируршки техники – ДМЕК и ДСАЕК методи кај по тројца пациенти и пенетрантна кератопластика кај десет пациенти.

ДМЕК и ДСАЕК се минимално инвазивни микрохируршки процедури при кои се трансплантира само еден слој од рожницата, без употреба на шевови, и кои бараат исклучителна прецизност. Овие методи за првпат се изведуваат во земјата и се ретко применети и во регионот.

Меѓу пациентите е и 13-годишно момче со дијагноза кератоконус, кај кое видот бил сериозно загрозен и постоела реална опасност од трајно губење на видот доколку не се изведела навремена интервенција.

По оперативниот зафат, неговата состојба е стабилна, а постоперативниот тек се одвива без компликации, со што е спречен траен губиток на видот.

Најголеми предизвици на системот

– Меѓународната соработка во медицината е неопходна за размена на искуства и едукација или доедукација на нашите тимови за трансплантација. Еден позитивен пример е соработката со офталмолошки експертски тим од Универзитетот „Дјук’ од САД, започната минатата година, која резултираше со започнување трансплантација на очна рожница во ноември 2025 година и продолжи во март 2026, со заеднички план за повеќегодишна соработка. Експертите од Универзитетот Дјук несебично ја споделуваат својата експертиза и благодарение на таа соработка, сега во Македонија се изведуваат три софистицирани хируршки техники на трансплантација на рожница, вели Националната координаторка за трансплантација проф. д-р Билјана Кузмановска. 

Најголем предизвик во системот за трансплантација во Македонија, според проф. д-р Билјана Кузмановска, е ниската стапка на согласност за донирање органи. Таа објаснува дека координаторите ги идентификуваат сите потенцијални донори и доколку органите се медицински соодветни, согласно законската процедура се разговара со семејството за евентуална согласност за донирање. Согласноста, нагласува таа, е доброволна и претставува единствен елемент во целиот процес што не зависи од медицинските тимови.

-Бројките покажуваат дека согласност се добива кај околу 25% од потенцијалните донори, што укажува дека е потребно континуирано подигнување на јавната свест за органодарителство по смртта. Во таа насока работиме преку кампањи, трибини за органодарителство во соработка со граѓански активисти, медиумско присуство на координаторите и докторите кои работат трансплантација, како и објавување позитивни примери на пациенти кои веќе добиле орган. Морам да изразам благодарност до семејствата кои се одлучуваат да донираат, бидејќи нема похуман чин од дарување органи кога губите свој близок- вели Националната координаторка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни