Македонија со убедливо најниска минимална плата во регионот – ССМ предупредува за растечка сиромаштија и најавува нови протести

Синдикатите бараат итно усогласување на платите, а работниците реагираат со гнев и разочараност.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) повторно алармира дека минималната плата од 397 евра останува убедливо најниска во регионот, предупредувајќи дека ова ја втурнува најранливата работна сила во сè подлабока сиромаштија. Според тековните владини најави, до март 2026 година е предвидено само законско усогласување од најмногу 1.600 денари, што ССМ го смета за недоволно и навредливо.

Синдикатот објави споредбена анализа која ја покажува длабоката заостанатост на Македонија во однос на соседните држави. Косово од 2026 година ја зголемува минималната плата на 500 евра; Албанија од јануари исто така оди на 500 евра; Србија веќе исплаќа 500 евра, а од следната година ќе достигне 550 евра. Во Република Српска платата ќе биде од 512 до 743 евра, зависно од квалификацијата; Црна Гора има минимална плата од 600 евра за средно образование и 800 евра за високообразован кадар; додека пак Босна и Херцеговина за 2025 година утврди износ од 511 евра.

На овој регионален мапинг, Македонија е единствената земја која значително заостанува. ССМ тврди дека Владата ја избегнува суштинската реформа и дека поддршката која ја добива од дел од работодавачите и од „погодни“ синдикати само ја цементира неправдата.

„Функционерските плати се зголемени за 79%, а работниците остануваат на 397 евра. Тоа не е живот, туку борба за преживување,“ порача ССМ.

Во меѓувреме, во Собранието се води расправа за Буџетот за 2026 година – момент кој дополнително го разгневи дел од јавноста. Коментарите на граѓаните под објавата на ССМ се исполнети со незадоволство: од барања за генерален штрајк, до оценки дека Македонија станува „најбедната држава во регионот“.

Од ССМ потсетуваат дека организирале повеќе протести во последните месеци и дека ќе продолжат со притисокот. Најавуваат и можност за генерален штрајк доколку се продолжи, како што велат, со игнорантниот однос кон работниците.

„Оваа држава опстојува на трудот на луѓе што едвај ги покриваат основните трошоци. Борбата ќе продолжи сè додека не обезбедиме достоинствена минимална плата,“ стои во нивната порака.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни