Македонија меѓу најзагадените во светот

Македонија е на 7. место во светот по загаденост на воздухот со индекс 145. Најзагадени се Струмица, Кичево и делови од Скопје.

Македонија повторно се најде високо на светската листа за загаденост на воздухот. Според најновите податоци од глобалните рангирања за квалитет на воздух, земјата се наоѓа на 7. место во светот, со индекс на загадување од 145, што спаѓа во категоријата „Unhealthy for Sensitive Groups“ (нездраво за чувствителни групи).

Ова значи дека децата, повозрасните лица, бремените жени и граѓаните со хронични респираторни и кардиоваскуларни заболувања се изложени на зголемен здравствен ризик, особено при подолг престој на отворено.

Во последните 24 часа, најзагадени градови во државата се:

  • Струмица (AQI 181)
  • Ѓорче Петров (174)
  • Кичево (174)
  • Гостивар (158)
  • Илинден (154)
  • Велес (151)

Скопје е на 7. место со индекс 135, што и понатаму укажува на загрижувачко ниво на аерозагадување, особено во зимскиот период кога доминираат домашното греење, температурните инверзии и слабото струење на воздухот.

Главни загадувачи и понатаму се ПМ10 и ПМ2.5 честичките, кои лесно навлегуваат длабоко во белите дробови и крвотокот, предизвикувајќи воспаленија, влошување на астма, бронхитис, како и зголемен ризик од срцеви и мозочни удари.

Иако Македонија е далеку под екстремно загадените земји како Индија, Пакистан и Бангладеш, позицијата во првите десет најзагадени држави во светот повторно го отвора прашањето за ефикасноста на мерките за заштита на воздухот.

Експертите апелираат на намалување на индивидуалното загадување, користење почисти извори за греење и следење на препораките – особено во денови кога индексот на загаденост е зголемен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни