Македонија наскоро со своја листа на ретки минерали — САД го потврдија бакарот како критична суровина

Новите измени во Законот за рударство предвидуваат формирање на национална листа на критични и стратешки минерали, по примерот на американскиот модел.

Македонија е на чекор до воспоставување на сопствена Листа на критични минерални суровини, како и Листа на стратешки минерални суровини, согласно новиот нацрт текст на Законот за рударство. Со овој потег, земјата се приклучува кон глобалниот тренд на држави што ја препознаваат стратешката вредност на ретките метали за економската безбедност и енергетската транзиција.

Според предложеното законско решение, Владата, по предлог на ресорното министерство за енергетика и рударство, ќе ја усвојува и ревидира листата на секои три години, со можност за дополнување во согласност со меѓународните пазари и технолошките потреби.

Иницијативата следи по одлуката на Геолошкиот институт на САД (USGS), кој минатата недела ги додаде бакарот и среброто на својата листа на критични минерали — првпат по ревизијата од 2022 година. Ваквата промена ја проширува групата на метали што се сметаат за витални за американската економија и националната безбедност.

Претседателот на Американската асоцијација за развој на бакарот, Адам Естел, ја поздрави оваа одлука, нагласувајќи дека „бакарот е клучен елемент за постигнување на стратешките цели на САД — од енергетска независност и развој на вештачка интелигенција, до национална безбедност и реиндустријализација“.

Американската листа, која претставува основа за воведување даночни и трговски мерки, како и за стимулирање инвестиции во рударството, има за цел да обезбеди поголема самостојност на земјата во снабдувањето со суровини, особено во контекст на трговските спорови со Кина. Бакарот, кој денес е трет најкористен индустриски метал во светот по железото и алуминиумот, има централна улога во електричната енергија, телекомуникациите и производството на електронски уреди.

Македонија го следи примерот

И во Македонија, со новиот Закон за рударство, се воведува сличен пристап. Во член 45 од предложениот текст се наведува дека „минералните суровини, вклучително и оние во необработена форма или како нуспроизвод, доколку се наведени во Листата, се сметаат за критични суровини“.

Од државата сè уште не се соопштени конкретни минерали што би можеле да се најдат на листата, но експертите очекуваат таа да го следи моделот на Европската Унија, која веќе има воспоставен систем за идентификација на минерали од стратешко значење.

Според нацрт-Стратегијата за минерални суровини што ја подготвува МАНУ, пристапот до метали како железо, бакар, сребро и ретки земни елементи е предуслов за развој на модерни технологии — од соларна и ветерна енергија до зелени транспортни решенија и енергетска ефикасност.

„Пристапот до критични метали е услов за производство на технологии со ниска емисија на јаглерод, како и за индустриски развој усогласен со европските зелени политики“, се вели во документот.

Домашни резерви и потенцијал

Македонија, според податоците на МАНУ и Геолошкиот завод, располага со значителни резерви на бакар, особено во источниот дел на земјата. Во моментов, рудникот Бучим и новиот капацитет во Боров Дол се единствените активни производители на бакарна руда, додека претходните проекти за експлоатација во Казандол и Кожуф останаа нереализирани.

Најновите истражувања на локацијата Иловица укажуваат на приближно 700.000 тони бакарни резерви, што би можело да ја позиционира земјата како релевантен регионален извор во рамките на европскиот пазар.

Иако државата сè уште нема дефинирана стратегија за искористување на овој потенцијал, воведувањето на национална листа на критични суровини би можело да биде клучен чекор за системско управување со природните ресурси и привлекување странски инвестиции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни