Ова беше истакнато на тркалезната маса „Унапредување на родовата еднаквост во лидерството и управувањето“, одржана во Стопанската комора, каде беше посочено дека со сегашното темпо на „затворање“ на родовиот јаз, Македонија ќе стигне до вистинска еднаквост дури за 57 години.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска потсети дека во моментот во Владата има само три жени министри, пет заменички-министри и една жена претседател на државата. Таа нагласи дека иако земјата прави напори да се усогласи со Директивата на ЕУ за жените во управните одбори, потребно е повеќе од законски решенија:
„Промената бара застапеност, менторство и храброст. Жените треба да добијат шанса – професионализмот и компетентноста се таму, но често не им се дозволува да ги покажат,“ рече Божиновска.
Таа истакна дека нејзиното министерство е првото во Владата со поголем број жени отколку мажи, од кои многумина се на раководни позиции, и додаде дека родовата еднаквост не е само прашање на праведност, туку и на економски напредок.
Евроамбасадорот Михалис Рокас оцени дека Македонија има направено напредок, но имплементацијата останува нерамномерна.
„Родовата еднаквост е темел на добро управување и општествен напредок. Жените мора да бидат дел од секоја маса каде се носат одлуки. Нашите општества не можат да си дозволат да изгубат половина од потенцијалот,“ изјави Рокас, додавајќи дека еднаквото учество на пазарот на труд може да го зголеми БДП за 10 до 15 отсто.
Тој предупреди дека недостигот од родово сензитивни политики го забавува напредокот и дека се неопходни програми за обука, менторство и родово буџетирање.
Главната амбасадорка на Women on Boards Adria, Тања Михајловска Димитриевска, посочи дека во Македонија жените заземаат само една од пет позиции во управните одбори на котираните компании – бројка што речиси не се променила со години.
„Тоа не е одраз на способноста, туку на недостигот на можности. Време е принципите конечно да се претворат во акција,“ рече таа.
Таа го спомена примерот на Црна Гора, која воведе законски механизми со парични казни и забрани за именувања доколку компаниите не ги почитуваат правилата за родова рамнотежа.
Според Кармен Нитхамер од Европската инвестициска банка, присуството на жени во управувањето не само што го подобрува корпоративното управување, туку има и позитивно влијание врз климатските политики:
„Компаниите со најмалку 30% жени во одборите имаат поамбициозни и поодржливи стратегии. Женското лидерство носи повеќе перспектива, стабилност и отпорност.“
Еден од главните заклучоци од тркалезната маса беше дека поголемата застапеност на жените во управувачките структури би можела да го зголеми БДП на Европа за три трилиони евра до 2050 година.
Сепак, за Македонија тој пат останува долг – и ако се продолжи со сегашното темпо, родовата еднаквост ќе биде достигната дури по повеќе од половина век.
Извор: Независен.мк