Македонските средношколци освоија два бронзени медали на втората Интернационална олимпијада по вештачка интелигенција (ИОВИ 2026), која се одржа од 23 до 27 февруари во Љубљана, Словенија.
Станува збор за меѓународен натпревар посветен на напредни теми од информатиката, алгоритмите и вештачката интелигенција, наменет за талентирани ученици од целиот свет. Олимпијадата има за цел да ги поттикне младите да ги продлабочуваат своите знаења во областите на машинското учење, анализа на податоци и алгоритамско размислување.
На годинашното издание учествуваа 95 внимателно селектирани ученици од 24 држави, меѓу кои САД, Кина, Русија, Турција, Велика Британија и Нов Зеланд. Натпреварувачите решаваа комплексни и иновативни задачи што бараа длабинско разбирање на проблемите, моделирање и развој на ефикасни алгоритамски решенија со примена на концепти од современата вештачка интелигенција.
Македонскиот тим со одличен резултат
Здружението на информатичарите на Македонија избра четиричлен тим составен од учениците Благој Рујаноски Стојановски, Андреј Ангелов, Филип Калкашлиев и Тодор Пљаков. Тимот беше предводен од Емил Станков и Димитар Милески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Две бронзени медали освоија:
- Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, ученик во гимназијата „Мирче Ацев“
- Андреј Ангелов од Македонска Каменица, ученик во Математичко-информатичката гимназија во Скопје
Признание за континуирана работа
Според претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, д-р Миле Јованов, кој е член на Интернационалниот комитет на олимпијадата, овој успех претставува значајно меѓународно признание за квалитетот на македонските млади информатичари и за континуираната работа во развојот на таленти во областа на информатиката.
Тој посочи дека вештачката интелигенција како научна дисциплина активно се развива на ФИНКИ, а веќе четврта генерација ученици во специјализираната државна Математичко-информатичка гимназија следи предмет „Интелигентни системи“. Овој пристап, според него, овозможува Македонија да биде конкурентна на меѓународно ниво.
Следната, трета Интернационална олимпијада по вештачка интелигенција (ИОВИ 2027), ќе се одржи во Виетнам.