Македонија на промоција пред телевизиски екипи од Јужна Кореја, Шпанија, Италија и Црна Гора

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) најавува активна туристичка промоција на Северна Македонија која, како што наведува, е во фокусот на новинари, промотори, блогери и телевизиски екипи од Јужна Кореја, Шпанија, Италија и Црна Гора.

„Од утре во земјава ќе претстојуваат Андреј Ким и претседателот на „Hyundai Motor Group”, Еуисун Чунг од Јужна Кореја, кои во соработка со надлежни институции од земјава го поддржуваат патувањето на јужнокорејската актерка, Хан Хјо-Жу, која скоро се појави во популарниот Disney+ телевизиски канал, во серијалот „Moving”. Во формат на патувачки дневник преку видеа ќе ги истражуваат убавините на Северна Македонија и ќе споделуваат оригинални приказни и искуства од земјава. Со цел за зајакнување на односите помеѓу двете земји, г-н Чунг го поддржува развојот на туристичката индустрија на Северна Македонија со претставување на оваа прекрасна земја низ целиот свет преку медиумско известување, особено до оние во Азија кои се заинтересирани да ги истражуваат земјите кои се малку познати на јавноста, а кои се посетувани од познати ѕвезди“, наведува АППТ.

Според Агенцијата, за светската јавност доволно интригантен е Хуан, репортер и патувачки инфлуенсер од Шпанија кој со неговото куче Мигас го патува светот.

-Авантурата ја почнаа од Шпанија, патуваа низ Турција, а исто така ќе поминат низ Франција, Италија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Бугарија. Важно е да се напомени дека нивните документирани авантури ќе се прикажуваат на „La 2” шпански телевизиски канал управуван од „Televisión Española”, телевизиски оддел на државниот јавен радиодифузер „Radiotelevisión Española” и ќе се емитуваат на канали низ целиот свет. Хуан со Мигас ќе дојде во Скопје на 16 oктомври и ќе снимаат на локации низ Скопје, Битола, Охрид и Тиквешкиот регион, нагласуваат од АСППТ.

Ова информативно патување, додаваат, е од посебно значење за промоција на македонските туристички потенцијали на шпанскиот пазар кој, пак, е важен за туристичкиот бизнис сектор.

„Овој месец ги очекуваме и новинарите од Радио телевизија Црна Гора кои ќе ги посетат Скопје и Охрид и ќе ги снимаат и промовираат природните и културините убавини на регионот. Туристичките врски помеѓу Црна Гора и Северна Македонија се од големо значење за промоција на Балканот како една дестинација за трети земји“, истакнува АППТ.

Во најава е и информативно патување за претставници од „Pandataria Film”, продукциска куќа која работи за националниот јавен радиодифузен сервис на Италија (РАИ). Екипа од емисијата Килиманџаро ќе го посети Скопје во рамките на серијалот Европски престолнини. Килиманџаро е телевизиска програма што се емитува секоја недела попладне на националниот ТВ канал RAI 3 која содржи документарни патувања снимени во сите делови на светот. Во текот на програмата дефилираат и ликови од филмот или од светот на културата. Програмата е присутна од 1998 година и досега е една од најпопуларните ТВ-програмски станици во Италија и пошироко. Килиманџаро има публика од 3 милиони гледачи на возраст од околу 35/50 години.

Реализација на информативните патувања кои се дел од програмските активности на Агенцијата за туризам се одлична алатка за промоција на најубавото и најавтентичното од земјава, со цел поголема видливост на Северна Македонија како туристичка дестинација. Искуството на гостите раскажано преку репортажи, прилози, телевизиски емисии, блогови е непроценливо богатство за сите кои сакаат да ја посетат земјава.

„Да им ја доближиме традицијата која е дел од нас и го оживува минатото, да дозволиме да го почувствуваат најубавото од земјава, да ги пречекаме со насмевка, да ја доживеат македонската гостопримливост, да бидат дел од приказна која вреди да се раскажува“, потенцира директорот на Агенцијата за туризам Љупчо Јаневски.

Извор: agrotim.mk

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни