Во 2022 година Македонија е 13 земја во светот за извозот и вредноста на македонското вино, а само до денеска, оваа година извозот на вино достигнува над 40 милиони евра, а она што особено го потенцираме е падот на вредноста на извозот на наливно и зголемувањето на вредноста на извозот на флаширано вино, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, во изјава на настан во Скопје, организиран по повод Светскиот ден на вранецот.
Министерот Николовски информираше дека вчера заврши повикот од ИПАРД 3 програмата којшто ги таргетира токму винариите и според утринските информации од надлежните, како што рече, огромен е интересот и за последниот повик, за последните средства коишто се ставени на располагање од ИПАРД 2 програмата, за мерката 3, мерка којашто ги таргетира исто така и винариите, за набавка на опрема.
„Имаме над 50 апликации со вкупна вредност околу шест милиони евра побарувања токму за овие апликации од оваа мерка, но и девет винарии коишто до денеска имаат конкурирано за инвестиции, што потврдува дека интересот за развојот на секторот и сите политики даваат резултати“, рече Николовски.
Тој потенцираше дека до 15 октомври трае и првиот повик од ИПАРД 3 програмата за мерките еден и седум, каде што на располагање има околу 30 милиони евра за инвестиции преку мерките што се ставени на располагање.
„Ние продолжуваме со сите инвестиции, согласно и стратегијата којашто за прв пат оваа година се донесе стратегија за развој на секторот во следните десет години којашто има точно јасни индикатори што е тоа што треба да го постигнеме во следните десет години, да го зголемиме извозот на флаширано вино за 50 проценти, да го зголемиме извозот на наливно вино за 10 проценти, да достигнеме четири проценти органско вино, 30 проценти да ја промениме структурата на насадите и многу други мерливи критериуми кон кои што ќе се држиме, а во моментот се работи на акцискиот план којшто точно ќе ги дефинира задачите и обврските на сите чинители во секторот“, изјави министерот Николовски.
Потпретседателот на Владата на Црна Гора, Владимир Јоковиќ, воедно и министер за земјоделство, рече дека на Вранецот, кој како еден меѓу најдобрите сорти на вино во светот којшто потекнува од Црна Гора а најмногу се произведува во земјава, има потреба од повеќе рекламирање.
„Во Балканските простории, се што доаѓа однадвор нас ни се чини да е подобро, а јас одговорно тврдам дека македонските и црногорските вина се многу подобри од некои други кои се многу познати, а за цените да не зборуваме“, изјави Јоковиќ.
Додаде дека ова се големи прилики за подигнување на нивото на популаризацијата на ова вино со цел поголемо производство и поголем извоз на оваа сорта на вино.
Претставничката на дистрибутерите на виното „Тиквеш“ во Кина, Венг Ша, изјави дека на Кинезите навистина им се допаѓа ова вино и дека ќе се направат големи напори за поголема промоција на ова вино во Кина.
„Во Кина луѓето имаат голема можност да пробаат вина од целиот свет, но вранецот е специјално вино затоа што доаѓа само од Балканот и ова е голема можност за кинезите, преку Тиквеш да ја пробаат оваа сорта ан вино“, рече Ша.