Македонците евакуирани од Израел конечно се вратија дома со владиниот авион

Првата група македонски државјани беше евакуирана преку Египет, а институциите најавуваат нови летови за враќање на останатите граѓани од регионот погоден од конфликтот.

Првите македонски граѓани евакуирани од Израел синоќа пристигнаа во Македонија со владиниот авион, по организирана акција на институциите. Тие претходно патувале по копнен пат од Израел до Египет, од каде што бил организиран лет до Скопје.

На скопскиот аеродром групата ја пречека заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, кој посочи дека евакуацијата е реализирана со координација меѓу институциите и дипломатско-конзуларните претставништва.

„Благодарение на координацијата меѓу институциите и нашите дипломатско-конзуларни претставништва, евакуацијата беше успешно организирана од Тел Авив преку Шарм ел-Шеик до Скопје“, изјави Димитровски.

Тој нагласи дека Министерството за надворешни работи е во постојана комуникација со македонските државјани кои се наоѓаат во регионите погодени од конфликтот и дека активностите за нивно безбедно враќање продолжуваат.

Според податоците на Министерството, во земјите погодени од кризата се наоѓаат околу 600 македонски државјани. Најголем дел од нив се пријавени во Абу Даби и Дубаи, околу 140 во Катар, додека помал број има во Бахреин и Кувајт.

Надлежните очекуваат во наредните денови да се реализира евакуацијата и на останатите граѓани кои изразиле желба да се вратат во земјата. Тие ќе бидат транспортирани со чартер летови организирани од Владата и Министерството за надворешни работи.

Еден од следните летови се очекува да тргне од Ријад во Саудиска Арабија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни