Повеќе од 400 македонски државјани досега побарале информации за можноста да бидат евакуирани од Блискиот Исток, поради ескалацијата на воениот конфликт меѓу САД, Израел и Иран, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Од нив околу 30 лица изразиле подготвеност да ја напуштат регијата при прва можност, додека за другите засега се чека развојот на безбедносната состојба пред да започне организирана евакуација.
Министерството потврдува дека се изработува план за безбедно извлекување на македонските државјани од Иран, но за оние што се наоѓаат во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Катар засега не постојат безбедни услови за евакуација. Дипломатско-конзуларните претставништва во регионот се во постојан контакт со граѓаните и ги координираат сите неопходни подготовки за евентуална помош.
Од МНР уште еднаш ги повикаа македонските државјани што се наоѓаат во загрозените подрачја да ги следат упатствата на локалните безбедносни власти и да ги контактираат дипломатските канали доколку им е потребна поддршка. Министерството е достапно 24 часа преку дежурните телефонски линии и преку амбасадите во Доха, Абу Даби и Тел Авив.