Oд 21 до 28 август во Куршумли Ан ќе се одржи 16 то издание на МакеДокс, фестивалот на креативен документарен филм под мотото „16 то издание на МакеДокс од 21 до 28 август: Кому му е гајле за реалноста?“
„Живеејќи во свет што катадневно се менува, свет во кој информациите отсекаде извираат и незапирливо течат, станува сè потешко да разликуваме што е вистина, а што не. Така се будиме во реалност што не е лесно ниту да се прифати и во неа да се живее, ниту да се фати со камера.
Уште од дамнина, ние луѓето сме се обидувале да ја култивираме средината што нè окружувала – преку припитомување на растенијата и животните за да си го нахраниме телото и преку создавање на уметност за да си ја нахраниме душата. Не е случајно што зборот „култура“, кој потекнува од латинскиот „cultus“, значи нега, одгледување и грижа за нешто, па дури и обожавање.
Светот во кој имаме сè повеќе онлајн одошто офлајн живот стана и свет во кој вештачката интелигенција ни ја поматува емотивната, и ни ги стеснува светогледот и потенцијалот за критичко согледување. Така често нè заведува и неслучајно нè наведува да веруваме во поинаква реалност, не оставајќи ни речиси воопшто време да се запрашаме дали таквата реалност навистина сакаме да е наша – или, пак, сакаме да ја промениме, дали таквата интеракција е навистина сè што ни треба за среќа?
Втурнати во ваква реалност, можноста да ја споредуваме нашата сегашност со некогашната на минатите генерации и да ја замислуваме реалноста на оние што следат, ја наоѓаме токму во документарните филмови. Многу повеќе од своевидно сведоштво за стварноста, тие се креативна сила што никогаш не нè остава рамнодушни. Тие се мозаици од снимени и архивски материјали, туѓи лични приказни и искуства во кои неретко се препознаваме и преку кои уште подлабоко се осознаваме.
Отвораат прашања, нè соочуваат со низа социјални, културни, еколошки предизвици и ни покажуваат како други луѓе – од крв и месо како самите нас – се справуваат со овој свет во кој се чини дека ништо не мирува. Истовремено, секојпат недвосмислено потврдуваат дека не е доволно само очите да се ширум отворени – дека и срцето мора да води, потсетуваат дека брзакот на денешницата не смее да ја однесе нашата човечност и нè охрабруваат, како ретко што друго, дека не се малкумина оние на коишто им е гајле за реалноста“
Шеснаесеттото издание на МакеДокс е поддржано од Агенција за филм на Република Северна Македонија, Програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасада на Франција, Француски институт, Амбасада на Кралството Холандија, Австриска Амбасада, Казино Австрија, Грчки филмски центар, Гете институт, Амбасада на Република Чешка, Чешкиот културен центар во Софија, Младинскиот културен центар, Музеј на Македонија, Археолошки музеј, Факултетот за ликовни уметности, такси Глобал.