Акциите на Мајкрософт (Microsoft) во вторникот забележаа благо опоравување од 3,3 отсто, што е најголем скок од јули минатата година, следејќи го поширокиот раст на пазарот. Сепак, под површината на овие бројки се крие голема неизвесност.
Иако компанијата останува доминантна во софтверот за продуктивност и преку оперативниот систем Windows, сега се соочува со двоен притисок: мора ефикасно да расте во областа на вештачката интелигенција (AI), додека истовремено гради масивна облак (cloud) инфраструктура за да одговори на побарувачката, пишува CNBC.
Проблеми на повеќе фронтови
Дополнителен предизвик претставува растот на цените на нафтата поради војната во Иран, што потенцијално ги зголемува трошоците за изградба и работа на огромните дата-центри. Кога станува збор за самите производи, Copilot AI асистентот на Мајкрософт сè уште не ја постигнал очекуваната популарност, додека корисниците сè почесто ги избираат конкурентските услуги на Google.
„Редмонд е во проблеми“, напиша Бен Рајцес, аналитичар во Melius Research, алудирајќи на седиштето на компанијата во државата Вашингтон.
Мултипликаторот на Мајкрософт не бил толку низок уште од последниот квартал на 2022 година, кога OpenAI го претстави ChatGPT. Иако компанијата се обидува да ги зголеми приходите преку додатокот Microsoft 365 Copilot AI, засега само 3 отсто од комерцијалните корисници на пакетот Office имаат купено лиценци за него.
Вртоглави суми за инвестиции
Волстрит и понатаму е оптимист дека компанијата долгорочно ќе победи во трката за вештачка интелигенција, но темпото на вложување ги загрижува инвеститорите.
Според податоците на Bloomberg, капиталните расходи на компанијата се проектирани на неверојатни суми: Фскална 2026 година: 146 милијарди долари (раст од 66% во однос на 2025). Фискална 2027 година: 170 милијарди долари и Фискална 2028 година: 191 милијарда долари.
Инвеститорите со голема доза на резерва ги набљудуваат овие трошоци, особено поради фактот што сè уште нема изразено забрзување на растот на приходите кој би ги оправдал ваквите инвестиции.