Филмот „Motherwitch“ („Мајка вештерка“), копродукција меѓу Кипар, Северна Македонија и САД, ја имаше својата светска премиера во официјалната селекција на Меѓународен филмски фестивал во Ротердам. Проекцијата се одржа во салата „Синерама 1“ во центарот на Ротердам, по што екипата на филмот беше поздравена со долг аплауз и дискусија со публиката.
„Motherwitch“ е режиран од Минос Папас, а е реализиран како меѓународна копродукција на Caretta Films, Cyprian Films New York и Focus Pocus Films, со учество на македонската филмска екипа и поддршка од Агенција за филм на Република Северна Македонија.

Режисерот Папас изјави дека премиерата во Ротердам за него има и лично значење, бидејќи неговиот татко во 1975 година прикажал филм на истиот фестивал. Тој посочи дека Ротердам е фестивал со едуцирана публика и дека филмот ќе продолжи да се прикажува и на други меѓународни фестивали.
Папас нагласи дека финансирањето на авторски филмови денес претставува голем предизвик, особено за проекти од неанглиско говорно подрачје, и изрази благодарност до институциите и приватните инвеститори од Кипар и САД кои го поддржале проектот.
Продуцентот Дарко Попов од „Фокус Покус Филмс“ истакна дека ова е втора филмска соработка меѓу Македонија и Кипар, по филмот „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески. Според него, ваквите копродукции овозможуваат малите кинематографии да создаваат дела кои добиваат меѓународна видливост и ја претставуваат културата на земјите пред поширока публика.
Кипарскиот продуцент Константинос Никифору посочи дека филмот е вкоренет во кипарскиот фолклор и дека митот се користи како емотивен јазик за обработка на теми како тагата и трансформацијата, задржувајќи авторски пристап со меѓународен дострел.
Дел од филмската екипа се и македонските автори Горан Игњатовски и Филип Петровски, задолжени за маска и шминка. Игњатовски објасни дека визуелниот идентитет на митските суштества во филмот е постигнат со практични ефекти, без компјутерска обработка, со цел да се задржи автентичен и физички присутен израз.
Главната улога на Елени ја толкува Маргарита Захариу, која по премиерата изјави дека реакцијата на публиката и тишината во салата по проекцијата укажуваат на тоа дека приказната силно допрела до гледачите, без оглед на културните разлики.
Кинематограферот Џек Мекдоналд истакна дека голем дел од технички најсложените сцени биле реализирани со македонски тим, посочувајќи ги Иван Ѓоршев, Јагор Стојковиќ, Дејан Богоевски и Андреј Неделковски, кои учествувале во реализацијата на светлото и камерата.
Во филмот игра и Милтос Јеролему, познат по улогата во серијата „Игра на тронови“, кој изјави дека „Мајка вештерка“ не е класичен хорор, туку филм за верувањата и последиците од човечката вера.
Филмот „Motherwitch“ („Мајка вештерка“) ќе ѝ биде достапен на македонската публика во втората половина на 2026 година. Планирано е најпрво да биде прикажан на некој од поголемите фестивали во земјава, по што ќе следи кино-дистрибуција и подоцнежна достапност на ВОД платформи.
