Филмот „Мајка“ во режија на Теона Стругар Митевска е селектиран во официјалната натпреварувачка програма на 38. Интернационален филмски фестивал во Токио (TIFF), што ќе се одржува од 27 октомври до 5 ноември годинава. Ова беше соопштено на денешната прес-конференција, а селекцијата е дел од програмската работа на д-р Андријана Цветковиќ, филмски режисер, професор и поранешен амбасадор, која е сениор програмски директор на фестивалот веќе трета година по ред, а во 2021 година беше член на официјалното жири.
Цветковиќ на прес-конференцијата истакнала дека дигиталното кино и вештачката интелигенција отвораат нови можности за женските автори, но родовиот дисбаланс во индустријата останува сериозен предизвик. Таа е куратор на „Women’s Empowerment Section“, која оваа година вклучува седум филмови и три панел-дискусии посветени на режисерки и женски филмски фестивали.
– Нашата мисија е да изградиме простори каде жените ќе можат да се поддржуваат и менторираат една со друга и да бидат признати како интегрален дел од глобалната кинематографија, нагласува Цветковиќ.
Фестивалскиот претседател Хиројасу Андо, пак, го потенцирал тространиот фокус на ова издание: унапредување на родовата еднаквост, поддршка на нови таленти преку новата програма „Asian Students’ Film Conference“ и развивање на просторот за дијалог „TIFF Lounge“, кој оваа година ќе го донесе разговорот помеѓу Јоџи Јамада и Ли Санг-ил, добитник на наградата „Куросава Акира“.
– Со селекцијата на „Мајка“ и со активното учество на д-р Андријана Цветковиќ како програмер и културен амбасадор, Македонија останува присутна на една од најпрестижните филмски сцени во светот, со јасно изразен културен глас и континуирано учество во глобалниот филмски дијалог. Преку својата улога во програмскиот тим на TIFF, Цветковиќ континуирано придонесува за видливоста на македонската кинематографија на оваа престижна светска сцена. Благодарение на нејзините залагања, во изминатите години во програмите на фестивалот беа прикажани „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, „Кајмак“ на Милчо Манчевски, а годинава и „Мајка“ на Теона Митевска – што претставува редок континуитет за една мала кинематографија како македонската, се наведува во соопштенито.