Претседателката на Молдавија, Маја Санду, изјави дека лично би гласала за обединување на земјата со соседна Романија, доколку биде распишан референдум, наведувајќи дека за мала држава како Молдавија станува сè потешко да ја зачува демократијата и да се спротивстави на растечкиот руски притисок.
Во интервју за подкаст, Санду нагласи дека обединувањето со Романија (која е членка на Европската Унија и НАТО) за неа претставува политички и безбедносен избор, иако призна дека ваквата идеја во моментов не ужива широка поддршка меѓу граѓаните.
Според достапните анкети, околу една третина од населението на Молдавија ја поддржува унификацијата со Романија, што, како што вели Санду, ја прави европската интеграција пореална и поостварлива цел. Таа повтори дека нејзината администрација е фокусирана на членство во ЕУ до 2030 година како најизвесен пат за стабилност и институционална заштита.
Ова е првпат Санду јавно и директно да го искаже својот личен став за прашањето на обединување – тема со силна историска тежина, имајќи предвид дека Молдавија била дел од Романија во меѓувоениот период, пред да биде анектирана од Советскиот Сојуз за време на Втората светска војна.
Изјавата доаѓа во услови на засилени геополитички тензии во регионот и зголемена загриженост за влијанието на Русија врз демократските процеси во источна Европа, пренесува Reuters.
