Магнезиумот е еден од најчесто користените минерали во суплементи, познат по тоа што помага при грчеви, подобрување на сонот и стабилизирање на нервниот систем. Сепак, иако е неопходен за повеќе од 300 процеси во организмот, неговата неконтролирана употреба не е без ризик.
Проблемот најчесто не е во внесот преку храна, туку во суплементите, каде дозите лесно се надминуваат и може да доведат до несакани реакции како мачнина, дијареја и мускулна слабост.
Кога магнезиумот може да биде опасен?
Иако кај здрави лица обично се излачува преку бубрезите, кај одредени групи магнезиумот може да се задржи во организмот и да предизвика сериозни проблеми. Најризични се лицата со заболувања на бубрезите, бидејќи кај нив може да дојде до зголемено ниво на магнезиум во крвта (хипермагнеземија), состојба која може да предизвика пад на крвниот притисок, забавен пулс и нарушувања на срцевиот ритам.
Посебна внимателност е потребна и кај срцеви пациенти, бидејќи магнезиумот влијае на електролитната рамнотежа и електричните импулси на срцето. Кај лица со аритмии или срцева слабост, неконтролиран внес може да ги влоши симптомите.
Дијабетес, лекови и групи на зголемен ризик
Кај лицата со дијабетес, магнезиумот може да го засили ефектот на терапијата за намалување на шеќерот во крвта, што понекогаш доведува до хипогликемија. Дополнително, тој може да влијае и на дел од антибиотиците, лековите за остеопороза и одредени диуретици, намалувајќи ја нивната ефикасност.
Претпазливост е потребна и кај бремени жени, постари лица и пациенти со заболувања на цревата, бидејќи кај нив чувствителноста на суплементите е поголема, а несаканите ефекти почести.
Магнезиумот е важен минерал, но не е суплемент што треба да се зема на своја рака. Кај одредени здравствени состојби може да направи повеќе штета отколку корист, па затоа пред употреба е неопходна консултација со лекар.