Маглата предизвикува хаос: Откажани и доцнат летови, намалена видливост на патиштата

Густата магла во скопската котлина доведе до откажувања и доцнења на летовите од Меѓународниот Аеродром Скопје, како и намалена видливост на патните правци низ државата.

Густата магла која вечерва ја покри скопската котлина предизвика проблеми во авионскиот и патниот сообраќај. На Меѓународниот Аеродром Скопје беа откажани вечерните летови кон Истанбул, Цирих и Франкфурт, додека дел од останатите летови се со статус на задоцнето полетување и слетување.

Претходно, од полноќ до 12 часот напладне, беа откажани 20 летови, еден лет бил пренасочен, а авионите од Дортмунд и Виена успешно слетале. Во текот на денот биле евидентирани и 16 откажани и 11 пренасочени летови, додека попладне по подобрување на видливоста слетале и полетале по три авиони.

Од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Сепак, намалена видливост е регистрирана:

  • До 30 метри на патниот правец Жировница – Луково
  • До 150 метри околу Тетово, Штип, Петровец и Демир Капија

АМСМ потсетува на законската обврска за задолжително поседување зимска опрема, без оглед на моменталните услови.

Според Управата за хидрометеоролошки работи, маглата ќе се задржи по котлините до крајот на денот, а појава на магла се очекува и утре и задутре. Под влијание на влажни воздушни бранови, во наредните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места тие ќе преминуваат во снег.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни