Магазинот „Тајм“ по вторпат го прогласи Доналд Трамп за личност на годината . Оваа чест му беше доделена и по победата на претседателските избори во 2016 година.
Во писмото до читателите, главниот уредник на „Тајм“, Сем Џејкобс, Трамповата победа ја опиша како „враќање со историски размери“ и „покренување на политички промени“ кои го промениле американското претседателство и ја промениле улогата на Америка во светот.
Во интервју за „Тајм“, Трамп ги повтори некои од плановите за вториот мандат.
Тој има намера да го укине државјанството стекнато со раѓање и да ги помилува демонстрантите од Капитол. Ветил дека ќе ги разгледа сите пресуди на неговите поддржувачи кои учествувале во немирите на Капитол во јануари 2021 година, откако претходно ветил дека ќе ги помилува.
Пред да заѕвони ѕвоното за отворање на берзата, тој ветил „економија каква што светот никогаш не ја видел“ и се заколна да „многу значително“ ги намали даноците.
Долгата традиција на „Тајм“ започната е во 1927 година со идејата да се препознае човек или движење што најмногу влијаело на настаните во годината – било тоа на подобро или на полошо.
Меѓу претходните добитници се активистката Грета Тунберг, поранешниот претседател на САД Барак Обама, извршниот директор на „Метa“ Марк Цукерберг, папата Франциск и претседателот на Украина Володимир Зеленски.
Уредниците на „Тајм“ ја носат конечната одлука кој ќе ја добие оваа награда.
Магазинот земал предвид 10 лица, вклучувајќи ја Камала Харис, принцезата од Велс и извршниот директор на „Тесла“ Илон Маск, кој сега е близок советник на Трамп.
Наведувајќи ги причините зошто Трамп е на листата на финалисти, „Тајм“ изјавил дека Трамп „во неверојатен политички „comeback“ победил на изборите во 2024 година.
„Тој го преобликувал американското гласачко тело, активирајќи млади мажи кои го довеле до одлучувачка победа.
„Неговата победа во 2024 година е историска на повеќе начини: тој ќе биде најстариот претседател во историјата на Америка, а претходно оваа година беше прогласен за виновен по 34 точки на обвиненија за измама, што го прави и првиот осуденик кој беше избран за претседател“, пишува во статијата.
Трамп даде интервју за магазинот во април оваа година за време на претседателската кампања.
Тој разговарал за плановите за вториот мандат, како и за реформата на американскиот имиграциски систем и депортацијата на милиони луѓе.
Во текот на 2015 година се жалел што не бил избран за насловна страница на магазинот за време на првата кандидатура, а наградата тогаш отишла кај поранешната германска канцеларка Ангела Меркел. Меѓутоа, откако бил прогласен за личност на годината по победата на изборите, тој тоа го нарече „голема чест“.
„Тоа многу значи, посебно затоа што пораснав читајќи го Тајм. И, знаете, тоа е многу важен магазин“, рекол тој тогаш. Сепак, продолжил да ги критикува одлуките на магазинот по добивањето на наградата, вклучувајќи го изборот на Тејлор Свифт за личност на годината 2023.