Шефот на Меѓународната агенција за енергија: Нафтената криза денес е потешка од тие во 1973, 1979 и 2022 заедно

Фатих Бирол ја споредува тековната ситуација со трите најголеми енергетски шокови на 20 век и вели дека сегашната ги надминува сите.

Шефот на Меѓународната агенција за енергија Фатих Бирол изјави дека блокадата на Ормутскиот теснец предизвика енергетска криза без преседан во историјата — потешка од нафтените шокови во 1973, 1979 и 2022 година заедно. Светот, рече тој, никогаш не доживеал пореметување во снабдувањето со енергија од вакви размери.

„Никогаш не сме доживеале пореметување од вакви размери”

Во интервју за францускиот весник Ле Фигаро, Бирол предупреди дека последиците нема да ги почувствуваат само развиените економии. Најзасегнати ќе бидат земјите во развој, кои ќе трпат поради повисоките цени на нафтата и гасот, поскапувањето на храната и општото забрзување на инфлацијата.

Земјите членки на МАЕ минатиот месец се договориле да ослободат дел од своите стратешки резерви, а дел од нафтата веќе е пуштен на пазарот. Процесот продолжува, потврди Бирол.

Зошто Ормуз е толку важен?

Ормускиот теснец е клучен воден пат низ кој поминува околу една петтина од глобалното снабдување со нафта и гас. Иран го блокираше скоро целосно како одговор на нападите на САД и Израел, со што предизвика нагол пораст на цените на енергијата на светските пазари.

Важноста на нафтата се гледа токму во тоа колку сектори зависат од неа. Покрај горивата за транспорт, нафтата е суровина за производство на пластика, хемикалии, лекови, азфалт и низа индустриски производи. Кога снабдувањето е нарушено, последиците не застануваат на пумпите туку се прелеваат на цените на храната, транспортот и инфраструктурата, со директен ефект врз инфлацијата и економскиот раст.

Извор: Index.hr / Le Figaro

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни