Соединетите Американски Држави извршија воен напад врз Венецуела. Во Каракас рано утрово биле слушнати авиони и експлозии, а над делови од градот се издигал столб од чад, јавуваат светските новински агенции. Во јужниот дел на главниот град, во близина на голема воена база, дошло и до прекин на електричната енергија.
Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека САД извршиле „голем напад“ врз Венецуела и соопшти дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро е заробен и изнесен од земјата заедно со неговата сопруга, Силија Флорес.
Мадуро уапсен од елитна американска единица
Според американски официјални претставници кои зборувале за CBS News, Николас Мадуро бил уапсен рано утрово од припадници на Delta Force, елитната специјална единица на американската армија. Истата единица во 2019 година ја изведе операцијата во која беше убиен поранешниот лидер на Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади.
Слетување во Њујорк
Авионот што го превезувал заробениот венецуелски претседател и неговата сопруга слетал во воената база Stewart Air National Guard во сојузната држава Њујорк.
Според CNN, повикувајќи се на федерален функционер, Мадуро по излегувањето од авионот бил облечен во сива облека и со лисици на рацете, додека бил придружуван од повеќе од десетина федерални агенти облечени во црно.
Реакции од светот
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му честиташе на Доналд Трамп за, како што наведе, „храброто и историско лидерство во име на слободата и правдата“.
Белата куќа претходно објави црно-бела фотографија од Трамп пред авионот Air Force One со пораката: „No games. FAFO.“, што предизвика бурни реакции на социјалните мрежи.
