Венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој важи за авторитарен лидер, ги обвини САД дека преку зголемено воено присуство во регионот се обидуваат да ја преземат контролата врз нафтените резерви на неговата земја, пренесува германската агенција dpa.
Во писмо испратено до Организацијата на земји извознички нафта (OPEC), Мадуро наведе дека Вашингтон сака „со смртоносна воена сила да ги преземе огромните венецуелски резерви на нафта, најголемиот нафтен басен во светот“.
Тој додаде дека овој потег го загрозува „регионалниот и меѓународниот мир, безбедност и стабилност“ и претставува закана и за венецуелското производство и за глобалниот нафтен пазар.
Трамп го засилува притисокот врз Венецуела
Во изминатите недели, американскиот претседател Доналд Трамп ја засили реториката и мерките против Венецуела.
САД распоредија дополнителни воени сили во Карибите и го пренасочија најголемиот носач на авиони во светот, USS Gerald R. Ford, од Средоземното Море кон регионот. Него го придружуваат други воени бродови и бомбардер со долг дострел.
Според американската влада, мисијата е насочена против транспортот и трговијата со дрога. Американските претставници тврдат дека досега биле убиени повеќе од 80 лица во напади на пловила кои наводно пренесувале дрога.
Мадуро изјави дека САД имаат распореденo 15.000 војници и 14 воени бродови во Карипското Море, што се совпаѓа со извештаите на американските медиуми.
Писмото до OPEC го испратил само еден ден откако Трамп изјави дека воздушниот простор на Венецуела треба да се смета за затворен.
Трамп потврди дека разговарал со Мадуро
Според Reuters, Трамп потврдил дека разговарал со Мадуро, но одбил да наведе детали.
„Не би сакал да го коментирам тоа. Одговорот е ‘да’“, изјави Трамп кога новинарите го прашале дали имало разговор. Тој говорел пред медиумите во претседателскиот авион Air Force One.
