Поранешниот лидер на Венецуела, Николас Мадуро, денеска пред судот во Њујорк се изјасни дека не е виновен за сите четири точки од обвинението, вклучувајќи заговор за нарко-тероризам, заговор за увоз на кокаин и поседување на митралези и разорни направи. „Невин сум. Не сум виновен. Јас сум пристоен човек“, рече Мадуро пред судијата Алвин Хелерстин.
Во своите први јавни зборови откако беше донесен во САД, Мадуро изјави дека бил претседател на Венецуела и дека бил заробен во својот дом во Каракас.
Првата дама, Силија Флорес, исто така ги отфрли сите обвиненија и се изјасни дека не е виновна. „Да, јас сум Силија Флорес Мадуро, прва дама на Венецуела“, рече таа, слично како Мадуро, кој се претстави како венецуелски претседател. Флорес додаде дека е „целосно невина“.
Мадуро и неговата сопруга се појавија пред окружниот судија Алвин Хелерстин. Според CNN, Мадуро имал лисици на нозете, а двајцата седеле на иста маса со слушалки за превод.
Адвокатите на Мадуро и Флорес рекоа дека во моментот нема да бараат кауција, но ќе поднесат таков барање подоцна.
Обвиненијата вклучуваат: заговор за нарко-тероризам, заговор за увоз на кокаин, поседување на митралези и разорни направи и заговор за поседување на митралези и разорни направи
Пред судот се собраа голем број луѓе. Некои демонстрираа во поддршка на апсењето, додека други протестираа против него. Луѓето махаа со венецуелски знамиња и скандираа: „Кои сме ние? Венецуела! Што сакаме? Слобода!“
Американскиот претседател Доналд Трамп претходниот викенд потврди дека САД изведоа „голем напад“ на Венецуела, со што Мадуро беше заробен и заедно со сопругата пренесен во САД.
Правниот основ за ова е обвинението од 2020 година, кога Мадуро беше обвинет за нарко-тероризам, корупција и трговија со дрога, а Стејт департментот понуди 15 милиони долари награда за информации што би довеле до неговото апсење.
