Поранешниот венецуелски претседател Николас Мадуро денеска пристигна во федерален суд во Њујорк, каде за првпат треба да се појави пред судија и формално да му бидат прочитани обвиненијата за нарко-тероризам и трговија со дрога.
Обвиненијата беа наведени од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп како правна основа за неговото апсење и итно префрлање во Соединетите Американски Држави.
Прво појавување пред судија
Се очекува Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес да се појават пред судијата напладне по локално време. Станува збор за кратка, но неопходна судска процедура, со која најверојатно ќе започне долга правна битка околу прашањето дали на Мадуро може да му се суди во САД.
Неговите адвокати најавија дека ќе ја оспорат легалноста на апсењето, повикувајќи се на имунитетот што го има како суверен шеф на странска држава. Сепак, Соединетите Држави не го признаваат Мадуро како легитимен лидер на Венецуела.
Обвиненија за соработка со нарко-картели
Мадуро, заедно со сопругата, еден од своите синови и уште три лица, е обвинет дека соработувал со нарко-картели и им овозможувал испорака на илјадници тони кокаин во САД. Доколку бидат прогласени за виновни, може да се соочат со доживотен затвор.
Возилото во кое бил пренесен Мадуро влегло во гаражата на судскиот комплекс во долниот дел на Менхетен околу 7:40 часот наутро, по локално време. Од тој момент тој се наоѓа надвор од очите на јавноста, сè до појавувањето во судницата.
Зголемени безбедносни мерки и медиумска опсада
Околу судницата се поставени барикади и засилено полициско обезбедување, а неколку улици се затворени за пешаци. Пред зградата се собраа десетици новинари и граѓани, од кои некои поставиле шатори и греалки поради студеното време.
Поставени се бројни микрофони и ТВ-камери, додека дел од присутните граѓани директно пренесуваат информации преку YouTube и TikTok.
Политичка неизвесност во Венецуела
Во меѓувреме, во Венецуела владее политичка неизвесност. Привремената претседателка Делси Родригез, поранешна потпретседателка на Мадуро, ја презеде функцијата со поддршка од венецуелската војска, по одлука на Врховниот суд.
Родригез изрази подготвеност за соработка со администрацијата на Трамп, што може да претставува драматична промена во односите меѓу двете земји. Таа со години го надгледуваше нафтениот сектор и безбедносните служби на земјата и беше следна во редот за наследување на власта.
Трамп: „Американската доминација нема да биде доведена во прашање“
Американскиот претседател Трамп изјави дека американската доминација во западната хемисфера нема повеќе да биде доведена во прашање, неколку часа по приведувањето на Мадуро во Њујорк.
Настаните претставуваат кулминација на повеќемесечната конфронтација меѓу Вашингтон и Каракас, потсетувајќи на периодот на отворени американски интервенции во Латинска Америка.
Новата, поагресивна надворешна политика на Трамп, која тој ја нарекува „Донро доктрина“, е современа верзија на историската Монроова доктрина, според која САД ја сметаат западната хемисфера за своја сфера на влијание.
