Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро изјави дека Илон Маск сака да изврши инвазија на Венецуела со своите вселенски ракети и го предизвика на борба, која што милијардерот и сопственик на SpaceX и социјалната платформа X ја прифати.
На едно видео се гледа како Мадуро му објавува војна на Маск, наведувајќи дека сопственикот на X сака да изврши инвазија во Венецуела.
„Илон Маск, очаен си. Излезе од колосек, контролирај се или ќе пропаднеш како американските политичари предводени од десницата. Кој и да се плетка со мене, лошо му се пишува. Сакаш да се бориш? Ајде! Подготвен сум. Јас сум син на Боливар и Чавез. Не ти се плашам. Ајде, бирај каде сакаш. Ако сакаш ти, сакам и јас, само кажи каде“ вели Мадуро.
Маск кратко одговори на ваквите повици од Мадуро велејќи дека прифаќа, но додаде дека веројатно Мадуро ќе се исплаши и повлече.
Ваквите преписки помеѓу Мадуро и Маск доаѓаат по изборите во Венецуела, на кои, според властите, Мадуро победил, но опозицијата и набљудувачите тврдат дека вистинските резултати се поинакви и дека опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалез имал двојно повеќе гласови од Мадуро.
Поради тоа низ земјата започнаа антивладини протести, кои добиваат голема популарност и се мобилизираат преку платформата X, чиј сопственик е Маск.