Во објава на Инстаграм, пејачката ја повика духовната лидерска фигура „да ја донесе светлината на децата пред да биде предоцна“.
„Како мајка, не можам да го гледам нивното страдање. Децата на светот припаѓаат на сите нас. Вие сте единствениот од нас кому не му може да му се одбие влезот“, напиша Мадона во понеделникот.
„Политиката не може да донесе промени. Само свеста може. Затоа се обраќам до човек на Бога“, додаде таа.
Папата Лав XIV, кој ја започна својата служба во мај годинава, е првиот папа роден во САД и 267. поглавар на Католичката црква. Тој јасно ја искажа својата поддршка за децата кои страдаат во конфликтот меѓу Израел и Хамас, при што на неодамнешна миса во Рим изјави:
„Во заедништво со Христос, нашиот мир и надеж за светот, сме поблиску од кога било до младите кои трпат најтешки зла предизвикани од други луѓе. Ние сме со младите од Газа.“
Во меѓувреме, Обединетите нации и хуманитарните организации алармираат за „критична“ состојба со глад во Газа, каде што гладувањето веќе е „на прагот“ на делови од појасот. Само во јули, околу 12.000 деца под пет години биле идентификувани како акутно потхранети, а 2.500 од нив страдаат од најтежок облик на потхранетост.
Во чест на 25-от роденден на својот син Рок Ричи, Мадона исто така најави донации за хуманитарни организации кои работат на терен во Газа. „Најдобриот подарок што можам да му го дадам како мајка е да ги замолам сите да направат што можат за да им помогнат на невините деца заробени во конфликтот“, напиша таа.
Пејачката исто така повика на ослободување на израелските заложници кои се држат од Хамас од почетокот на војната во октомври 2023 година, нагласувајќи дека не сака да „поставува вина или да зема страна“ бидејќи „сите страдаат, вклучувајќи ги и мајките на заложниците“.
Ватикан засега не одговори на повикот на Мадона.
Извор: ABC News