„Made in Idrizovo“: Година дена шиење надеж и промени со Ирина Тошева

Во изминатата една година, иницијативата „Made in Idrizovo“, зад која стои дизајнерката Ирина Тошева, израсна од почетна идеја во функционална работилница и јавна платформа за трудот на жените во КПУ „Идризово“.

„Made in Idrizovo“ слави една година шиење надеж и промени, а дизајнерката Ирина Тошева на социјалните мрежи сумираше што е направено во изминатиот период. Како што посочува, во текот на една година, со поддршка од заедницата, работилницата била целосно опремена од нула, а низ процесот на обука и работа поминале три групи жени.

Производите што тие ги создадоа стигнаа до јавноста преку базари и јавни настани, што придонесе за поддршка и видливост на нивниот труд. Како важен момент за иницијативата, Тошева истакнува дека по првпат работилницата ја посети и Претседателката на државата, Гордана Силјановска‑Давкова, што е ретка можност за директно согледување на социјалните аспекти на проектот.

„Ова не е приказна за аплауз, туку за учество“, наведува Тошева, додавајќи дека фокусот на проектот останува на процесот, заедништвото и континуитетот.

„Made in Idrizovo“ е иницијатива што функционира во рамки на КПУ „Идризово“ и е насочена кон економско и социјално јакнење на жените преку стекнување практични вештини и вклучување во креативна работа. Следниот чекор, според објавата, е реновирање на просторот поради проблеми со влага, за што иницијативата е отворена за соработка со компании и партнери кои сакаат поддршката да биде долгорочна и одржлива.

Оваа приказна не е само за продукција на текстилни производи, туку за учество, заедништво и трансформација. Жените задолжени за проектот добиваат не само нови вештини, туку и чувство на припадност, самодоверба и перспектива. Производите од работилницата беа дел од базари, а дел од нив беше изложен и на јавни сцени, вклучувајќи и облека направена за јавни настани

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни