Лидерката на венецуеланската опозиција и добитничка на Нобеловата награда за мир за 2025 година, Марија Корина Маќадо, изјави дека планира да се врати во Венецуела „што е можно поскоро“, по апсењето на претседателот Николас Мадуро од страна на американските сили.
Во изјава дадена за американската телевизија Fox News, Маќадо остро ја критикуваше Делси Родригез, која во понеделникот положи заклетва како вршителка на должноста претседател на Венецуела, нарекувајќи ја „еден од главните архитекти на тортурата што ѝ се припишува на венецуеланската влада“.
Иако Родригез изрази подготвеност за соработка со Вашингтон, Маќадо смета дека таа нема легитимитет меѓу граѓаните.
„На слободни и фер избори ќе победиме со повеќе од 90 проценти од гласовите. Не се сомневам во тоа. Ќе ја претвориме Венецуела во енергетски центар на Америка, ќе воспоставиме владеење на правото, ќе ги отвориме пазарите и ќе обезбедиме правна сигурност за странските инвестиции“, изјави Маќадо, без да ја открие својата моментална локација.
Американскиот претседател Доналд Трамп уште во саботата ја отфрли можноста Маќадо да ја преземе функцијата привремен претседател по апсењето на Мадуро, наведувајќи дека таа „немала доволна поддршка и почит во сопствената земја“.
Маќадо беше прогласена за неподобна за кандидатура на претседателските избори во јули 2024 година од страна на власта на Николас Мадуро. По таа одлука, опозицијата го кандидираше Едмундо Гонзалес Урутија, кој тврдеше дека освоил над 65 проценти од гласовите. Набргу потоа тој ја напушти земјата, а властите распишаа потерница по него.
И покрај обвинувањата и недостигот од објавени детални резултати, Националниот изборен совет на Венецуела го прогласи Мадуро за победник на изборите, наведувајќи дека резултатите не можеле да бидат објавени поради сајбер напад.
