Британските премиери доаѓаат и си одат од официјалната резиденција на Даунинг Стрит, но вистинскиот моќник таму останува – мачорот Лери, кој е многу сакан, но и критикуван поради тоа што сака да крши и има конституција на „сумо борец“.
Лери во резинденцијата сега му прави друштво на шестиот премиер, лабуристот Кир Стармер, кој се всели на Даунинг Стрит по Риши Сунак. Премиерите доаѓаат и си одат, но управителот за глувци останува, стои на X профилот на мачката.
Откако е Лери во резиденцијата, британската политика е во турбулентни води. Мачорот е во Даунинг Стрит 13 и пол години, подолго од било кој британски претседател на Влада од 19 век. Само четворица британски премиери владееле подолго. Секогаш присутен, Лери е и фотогеничен, а кога го фотографираат покрај политичарите, ги освојува новинарите и фоторепортерите со своите елегантни пози.
Во резиденцијата го донесе Дејвид Камерун во 2011 година, спасувајќи го од шелтер за животни. Во Даунинг Стрит бил донесен поради инвазија на стаорци, но останал таму и додека премиери беа Тереза Меј, Борис Џонсон, Лиз Трус и Сунак. Неговата слава е толку голема, што владата во 2023 година мораше да интервенира откако се појавија шпекулации дека мачорот има нарушено здравје, па кажаа дека тој е среќен и здрав.
На неофицијалниот профил на X мачката има околу 900 илјади следбеници, повеќе од сите членови на владата. Неговите објави често се сатирични и критични за актуелната политика.
На објавата за победата на Стармер, мачката му честиташе и му кажа што е најважно за еден премиер.
„Честитки на заслужената победа. Сега, најважното за распоредот на хранење: сакам да доручкувам во 10, да ручам во 11, да вечерам во 3. И во 5. И во 7. Помеѓу тоа сакам многу грицки. Направи го тоа како што треба и остатокот од твојата работа ќе ти биде мачкина кашлица“ се вели во објавата на X.
Засега не се знае кој го води тој профил, но читателите сфаќаат дека тој не е голем симпатизер на конзервативците. Во голем број од објавите, мачорот го напаѓаше Сунак, неговиот претходен чувар.
Дел од аналитичарите сметаат дека Лери едноставено не е пријателски настроен, а според Борис Џонсон тој е „Катзила“.
„Ако ги разгледате добро ќе видете дека има конституција на сумо борец. Покрај тоа има и канџи на велосираптер и е една од оние мачки кои не само што ја сакаат храната, туку и со презир го дочекуваат оној кој ќе се обиде да му ја допре“ рече Џонсон.
Стармер веќе има и своја мачка, која се вика Јојо, а по доаѓањето во резиденцијата вгради и врата за мачки за она да има пристап до дворот. За неа, новиот премиер вели дека добива кралски третман и дека со неа се однесува подобро отколку со децата.
Останува да се види како двете мачки ќе се согласуваат.
Извор: Индекс.хр