„Мачето Мице“ – нова детска книга со палаво срце и големи пораки во издание на Или – Или

На македонската книжевна сцена пристигнува нова книга наменета за најмладите читатели – „Мачето Мице“, топла и разиграна збирка раскази од авторката Татјана Гаврилова, објавена од издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, во рамки на едицијата „И ете приказна“.

Книгата раскажува за домашните авантури на љубопитното маче Мице – палаво, весело и секогаш во движење. Низ десет посебни приказни, читателите ги следат неговите обиди да го истражи светот околу себе, да се справи со нови ситуации, да научи важни лекции и – најчесто – да направи по некоја беља. Раскажувач на приказната е Ема, девојче кое живее со своето семејство и го споделува секојдневието со Мице. Преку нејзиниот детски глас се доловува атмосферата на едно типично, но волшебно семејно домаќинство полно со љубов, игра и разбирање.

Во фокусот на приказните се вредности како што се пријателството, храброста, емпатијата и значењето на семејството. Истовремено, книгата нуди и доза хумор, авантура и препознатлива детска динамика, што ја прави идеална за читатели на возраст од 5 до 10 години.

Приказните се визуелно збогатени со живописни илустрации на Јана Борбала Панзов, кои дополнително ја оживуваат атмосферата и јунаците на книгата.

Промоцијата на „Мачето Мице“ ќе се одржи наскоро, а низ приказните ќе не’ води Ана Јовковска, промоторка која со својата харизма ќе ги доближи палавите моменти и нежните пораки на книгата до најмладата публика и нивните родители.

„Мачето Мице“ е седмата книга во детската едиција „И ете приказна“ и уште еднаш ја потврдува заложбата на издавачот ИЛИ-ИЛИ да создава квалитетна и автентична литература за деца, со топлина, фантазија и смисла за вредностите кои ги градат најмладите генерации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни