Настанот ќе се одржи на 18 октомври (сабота), од 12:00 до 16:00 часот, во организација на КОМБО – здружение за креативна одржливост, кое го одбележува својот прв роденден.
Посетителите ќе имаат можност да купуваат, разменуваат и подаруваат стари предмети, да слушаат музика, да уживаат во тортата по повод роденденот, и – како што велат организаторите – „да се подноват со нешто старо или конечно да се ослободат од предмети што со години собираат прашина“.
„Имаш облека што само ја преместуваш од плакар во плакар? Шолја без пар, ЦД-а што никој не ги слуша или столче што се крие во шпајзот? Време е да расчистиш и да им дадеш нов дом!“, порачуваат од КОМБО.
Како да учествувате
Секој што сака да изложува предмети може да изнајми свое место со партиципација од 300 денари, во која е вклучен пијалок.
Изложените работи треба да бидат чисти и во добра состојба, а учесниците се замолуваат да пристигнат најдоцна до 11:00 часот за да се подготват пред почетокот на бувљакот.
Настанот ќе се одржи во Железара, на адреса Коце Металец 1Ѓ, а апликацијата за учество е задолжителна и достапна на следниот линк:
👉 tinyurl.com/ytus94d4
Организаторите најавуваат добра атмосфера, музика, дружење и многу изненадувања – во духот на одржливоста и маалската заедница.