Мајк Волц номиниран за амбасадор на САД при ОН

Советот за национална безбедност од март се соочува со негативни медиумски извештаи откако Мајк Волц по грешка додал новинар во група на апликацијата Сигнал.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го номинира поранешниот советник на Белата куќа за национална безбедност, Мајк Волц, за следен амбасадор на САД при Обединетите нации, додека на неговото досегашно место ќе го замени државниот секретар Марко Рубио.

Волц, кој е поранешен републикански пратеник од Флорида, се најде под лупа на јавноста поради скандал од март кога по грешка додал новинар во групен разговор на апликацијата Signal, каде високи соработници на Трамп дискутирале за можни воздушни напади врз Јемен.

„Со задоволство објавувам дека ќе го номинирам Мајк Волц за следен амбасадор на САД при ОН. Од времето поминато во униформа на бојното поле, во Конгресот и како мој советник за национална безбедност, Мајк Волц неуморно работеше во интерес на нашата нација. Знам дека истото ќе го прави и во новата улога,“ напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social, пренесува Танјуг.

Тој додаде дека, во меѓувреме, Марко Рубио ќе ја преземе улогата на советник за национална безбедност и ќе го продолжи своето „силно лидерство во Стејт департментот“.

„Заедно ќе продолжиме неуморно да се бориме за тоа Америка и светот повторно да бидат безбедни“, порача Трамп.

Американските медиуми, повикувајќи се на неименувани извори, објавија дека Волц и неговиот заменик Алеј Вонг ја напуштаат функцијата поради инцидентот на Сигнал. Советот за национална безбедност се најде во криза кога Волц наводно по грешка додал новинар во група во која се водела дискусија за воена операција.

Соработници на Белата куќа изјавиле дека ваквата несмасност му нанесла политичка штета на Трамп. „Беше неодговорно да не се провери кој е во групниот разговор, а уште повеќе да се води таква дискусија на апликација како Signal. Не смееш да бидеш неодговорен ако си советник за национална безбедност“, изјави извор за Politico.

Главниот уредник на The Atlantic, Џефри Голдберг, добил покана да се приклучи на група во Signal од „Mike Waltz“, по што бил вклучен во разговорот именуван „Husi PC мала група“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни