По доделувањето на овогодишната државна награда „Св. Климент Охридски“, во јавноста одекнаа зборовите од моќното обраќање на професорката Маја Бојаџиевска, единствената жена меѓу четворицата добитници. Таа е професорка на Катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и наградата ја доби како признание за своите долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата и уметноста.
Со цел да го продолжиме одекот од нејзиниот говор, во кој, меѓу другото, истакна дека наградата ја посветува на сите нејзини невидливи претходнички, го направивме ова интервју, со кое и на симболичен начин, сакаме да ја заокружиме оваа 2024 година.
Професорке, силно беше периодов да се слушне вашето обраќање по повод добивањето на наградата „Св. Климент Охридски“, каде што зборувавте за проблемите во образованието, за културата и за нерамноправното вреднување на трудот на жените во нашето општество. Дали во денешно време зборовите на интелектуалците допираат онаму каде што се упатени?
Зборовите кои ги искажав во текот на свеченото доделување на најголемата државна награда „Св. Климент Охридски“ беа мои критички ставови во однос на статусот на образованието како еден од најважните и најделикатните системи во рамките на државата, но и ставови за статусот на жените во рамките на тој систем и пошироко, во културата.
Тие зборови беа искажани во Парламентот – највисокото законодавно тело. Во собраниската сала беа присутни многу колеги, пријатели и познаници – мои и на другите тројца добитници – но таму не забележав ниту еден пратеник, ниту еден функционер, не дај боже – министер за култура или министерка за образование, со други зборови, ниту еден од оние политички фигури кои управуваат со тие важни системи и кои креираат политики во спомнатите области. Нивното отсуство беше јасен показател за тоа колку тие покажуваат почит не кон една или друга личност – туку кон највисоката државна награда, воедно, и за тоа колку поседуваат подготвеност да го слушнат ставот на оние кои, еве, вие ги нарекувате интелектуалци.
Оттука, одговорот на ова прашање се разбира дека е негативен. Од една страна, мислам дека помалку од кога било се слуша зборот на интелектуалците, а од друга страна, самиот поим интелектуалец крајно се релативизираше и стана испразнет од значење во нашето екстремно поларизирано општество. Вие и самите забележувате дека и интелектуалците се делат на „ваши“ и „наши“ – за што се (сме) и самите виновни, бидејќи премногу е долга листата на оние кои постојано се ставаа и се ставаат во служба на една, друга или трета политичка опција. Според строгата дефиниција на зборот, интелектуалецот е секогаш оној којшто критички ја преиспитува стварноста и нејзините феномени, тој/таа би требало непристрасен, непоткуплив, постојано да опстојува во слободата на својата критичка свест, што, се разбира, носи определени ризици, но тоа е клучната димензија на тој етос. И покрај сѐ, и покрај тоа што, како што би рекол Ниче, „нема уши за мојава уста“, нашата должност е постојано да укажуваме и да ја менуваме стварноста – со зборови и со дела.
Вие сте дел од образовниот систем во земјава со децении. Низ какви сè метаморфози има поминато и кој е неговиот сегашен облик?
Тие метаморфози, за жал, одат во правец на деградација, а историјата на таа деградација е долга. Денешниот „облик“ на образовниот систем е резултат од низа погрешни чекори, низа почнати и недовршени „реформи“, и покрај респектабилните и искрени напори на ретки поединци кои се обидувале со професионален пристап да ги подобрат состојбите во образованието.
Клучниот проблем, според мене, лежи во фактот што статусот на образованието во нашата држава никогаш не доби приоритет, никогаш не го доби заслуженото ниво на важност. Од независноста па до денес, секогаш нешто друго беше поважно. Затоа, главните чинители во доменот на образованието: учениците – оние коишто учат и се здобиваат со знаења и учителите – оние кои ги подучуваат генерациите – опстојуваат заедно во една долга и жална агонија, во држава каде што тие се принудени да се движат по рабовите на некои небитни координати на општествениот статус. Тоа индиректно значи дека не се цени знаењето, не се валоризираат постигнувањата, не се почитуваат стандардите и критериумите во овој сложен процес нужен за растењето на една заедница.
Сите зборуваат денес за корупција, тоа е најстрашната болест на целото општество. Но што значи зборот корупција? Тоа не е ни оддалеку само криминална операција на „давање и земање пари“, во својата највулгарна варијанта. Зборот корупција ни укажува дека нешто е „расипано“. Што е тоа што е „расипано“? Што е тоа што е „расипано“ во образованието? Тоа се токму стандардите и критериумите за определување на важноста и степените на знаењето. Според тоа, кога се тие категории расипани, обликот на системот е конфузен.
Колку тој облик е рефлексија на состојбата на нашето општество и на нашата држава?
Се разбира дека ваквата слика е директна рефлексија на состојбата во нашето општество. Кога ќе се погледне образованието во пошироката општествена рамка, вие ќе се здобиете со впечатокот дека државата, во доменот на образовните политики не знае каде сака да стигне. Идеите за квалитетно, реформирано, модернизирано, инклузивно образование, за жал останаа само празни флоскули.
Во 2011 година имав прилика да ги запознаам професорите Павел Згага и Славко Габер, двајцата најодговорни луѓе за успехот на Словенија во образовните реформи, луѓе кои ги водеа преговорите во поглавјето за образование при пристапувањето на Словенија во ЕУ, од позиција на професори по социјални науки и експерти за едукативни политики и од позиција на именувани функционери. Како што е познато, Словенија стана полноправна членка на ЕУ во 2004 година, по успешните реформи, за кои беше најпрвин потребен домашен политички консензус. Тие ми посведочија дека нивниот успех беше во голема мера резултат на политичка волја, на темелна посветеност кон идејата дека образованието има национален приоритет и дека е клучен, натпартиски национален интерес за што тие тимови потрошиле цели десет години работа, значи од 1994, ако не и пред тоа. Значи некој/некои политички сили биле доволно зрели и далекувидни определувајќи ги најкомпетентните, најлибералните експерти, позиционирајќи ги на најодговорните министерски места од кои тие поединци го дале својот максимум за напредокот на образованието… да не одам понатаму, сите знаеме каде се наоѓа Словенија денес во науката и во образованието, а каде се наоѓаме ние.
И конечно, ако ја доведеме паралелата до крај, што ќе видиме на нашата страна? Има една страшна статистика дека кај нас, во нашите влади најкратко „траат“ министрите за образование, просекот е 18 месеци. Тоа значи дека кај нас, таа политичка волја која ја спомнав погоре, изостанува. Тоа значи дека некои овде проценуваат, со децении наназад, дека образованието не е никаков приоритет… Не сакам ни да се сеќавам на мракот и ужасот што го облеа образовниот систем во долгата деценија на владеењето на Груевски за кој образованието беше „битно“ само како поле на контрола и изживување на, како што велеше професорката Мирјана Најчевска, „кецарошите“. На тоа време, како што знаете, му почна крајот кога се побунија студентите и професорите, но иако потоа следеше период на внесување само малку кислород во оваа сфера, сѐ уште сме далеку, не сме го изодиле патот на кој образованието ќе стане клучен државен приоритет.
Бидејќи работите во образованието, во постојан контакт сте со младите луѓе. Што гледате во нив, во поглед на нивниот креативен потенцијал, мотивираноста, желбата за знаење и подготвеноста за борба со сè што (ќе) ги чека?
Тоа е најважното прашање, токму младите со нивниот креативен потенцијал и желбата за знаење. Овие нови генерации студенти многу се разликуваат од претходните, се разбира, поради низа социјални фактори, пред сѐ поради низа комплексни глобални (и локални) промени кои се одвиваат со жестока динамика, потоа, поради сеопфатната дигитална револуција и умножените виртуелни реалности — едноставно, поради соочувањето со предизвици од поинаков вид.
Тоа што успевам да го видам се определени промени во нивото и видот на концентрација при студирањето, промени во љубопитноста, што е разбирливо, затоа што е тешко да останете онака „детски“ љубопитни кога сѐ што ви треба го имате на дофат на раката, во мобилниот телефон…
Но и покрај тоа, и покрај неповолните општи трендови во културата во која се обликуваат, барем кај оние студенти со кои ние, моите колеги и јас, комуницираме на Филолошкиот факултет, забележувам исклучителна мотивираност и желба за знаење. Ние навистина многу се трудиме на Катедрата за Општа и компаративна книжевност, освен знаења во доменот на книжевноста и критичката теорија, да ги подготвиме студентите и за она што се нарекува реална, животна борба, да им помогнеме да го изградат својот етос на професионалци во доменот на хуманистиката, базиран на суштински сет од вредности. Гледајќи ве вас и другите што доаѓаат по вас, немам никакво сомнение дека младите луѓе кои се определуваат за овој пат допрва ќе го покажат својот потенцијал.
Размислувајќи за нерамноправноста од секој вид, мислите секогаш ме водат накај немањето емпатија. Катедрата за Општа и компаративна за мене е инкубатор на емпатични борци и борки за поправедно општество. Каква е моментално ситуацијата на ОКК?
Точно таква каква што ја опишавте. Таа катедра, уште од своето основање пред повеќе од четири децении, на некој начин, од различни причини, била „осудена“ да функционира низ борба со некои поспецифични предизвици за разлика од постарите катедри во поширокото поле на филологијата. Отприлика, нашата приказна ми личи на некои народни приказни каде што „најмалото дете“, седмото или деветтото дете во едно семејство, мора да помине низ низа иницијациски искушенија и така да се искали во „голем јунак“.
Без лажна скромност, поради постигнувањата на нашите студенти во широк спектар на области во општественото живеење – од образованието и културата, новинарството, издаваштвото, невладиниот сектор, граѓанскиот активизам – навистина се гледа дека Катедрата е значаен инкубатор за, како што велите идни борци за поправедно општество. Големо е нашето задоволство и среќа кога гледаме и читаме за постигнувањата на сите овие прогресивни, либерални, талентирани, млади луѓе – сите кои располагаат со раскошен „вишок“ општествена свест.
Во Вашето обраќање по повод наградата потсетивте на зборовите на проф. Урошевиќ дека на меѓународната сцена културата е нашиот адут, нашиот најзначаен влог за животната сила и отпорноста на колективот. Кој губи, а кој добива од невложувањето и некористењето на овој адут?
Не знам кој добива, или кој мисли дека добива. Ако некој воопшто мисли дека добива од „невложување“, тогаш тој многу греши. Гледајте го професорот Урошевиќ! Што прави тој во целиот свој професионален век? Јас го познавам уште од 1982 година, кога дојде на факултетот, мојата генерација тогаш беше веќе во вториот семестар на студиите по компаратистика… Па, оттогаш и сѐ до денес, тој само „раздава подароци“, или, со други зборови, само „вложува“. Без престан зборува за книжевноста, за уметноста, ги дисеминира своите енциклопедиски знаења, пишува илјадници страници поезија и проза, книжевни есеи, им помага на сите поранешни и сегашни студенти, им позајмува книги и информации за литературата, референци кои на постдипломците и ден-денес им се корисни во научните истражувања… Тоа е вложувањето за коешто зборувам, тоа е – да се обидам поетски да се изразам – „дарување од полнотија“. Тоа е таа совршена, суптилна „трансакција“, кога се дава без ништо да се побара за возврат, тоа е адутот кој победува и кој ни е толку многу потребен во една поширока, системска димензија.
Што Ве плаши најмногу кога помислувате општо на иднината, а што, пак, најмногу Ве радува?
Не можам да кажам дека помислувам којзнае колку на иднината, особено не на „среќна иднина“ – сметам дека тој концепт е некој вид буржоаско-капиталистички фантазам.
Доволно е што ја имам привилегијата поради професорската работа постојано да бидам со млади луѓе и постојано да ја чувствувам радоста и гордоста од нивните постигнувања кои се трудам да ги следам, во сите домени на нивните професионални ангажмани. За среќа, тие постигнувања се такви што не оставаат место за никаков страв. Но, она што сепак, ме загрижува е непрекинатиот тренд на заминување на младите во странство, на отселување на најдалечни дестинации, особено оние заминувања кои се резултат на тоа што својата земја се доживува како непријателска средина во однос на животниот, креативниот или професионалниот потенцијал на поединецот.
Еднаш, во приватен разговор, една млада личност, особено страствена, талентирана и умна, ми рече: „Бегаме, да, во извесна мерка и поради тоа што вашата генерација ја зафркна работата“. Тоа, за жал, е точно. Не можам да кажам дека ме плаши, персонално, да ја прифатам одговорноста за тоа што „мојата генерација ја зафркнала работата“, но можам само да продолжам да учам од младите и евентуално, да најдам начин, во она време кое преостанува, да се обидам да поправам понекоја грешка…
Извор: https://blen.mk/maja-bojadzievska-davanjeto-bez-da-barame-nesto-za-vozvrat-e-adutot-koj-pobeduva/