Македонскиот филм “М”, во режија на Вардан Тозија и продукција на Фокус Покус, продолжува да ги освојува срцата на публиката и критиката, по што стана еден од најнаградуваните филмови во земјата. Откако лани ја имаше својата премиера на Синедејс, овој филм собра значителен број награди, а неодамна ја освои главната награда за најдобар филм на интернационалниот фестивал на жанровски филм Light Till Dark во Оребро, Шведска.
Според образложението на интернационалното жири, „Овој филм носи нова перспектива на еден познат жанр. Филм со силни актерски изведби и сензитивна режија. Тоа е прекрасен филм, подеднакво визуелно и тематски. Филм кој не’ остава со надеж, но и скршено срце“.Фестивалот Light Till Dark е познат по својата селекција која обединува нови и класични дела од фантастиката, научната фантастика и хорор жанрот. Директорот на фестивалот, Даниел Лундстен, изјави дека целта е да се промовираат жанровски филмови и да се откриваат нови дела кои не стигнуваат до широка дистрибуција.
Следните проекции на „М“ ќе се одржат почетокот на декември, со холандска и финска премиера во рамките на официјалните селекции на фестивалот Eastern Neighbors во Хаг и Интернационалниот Скандинавски Филмски Фестивал во Хелсинки. Овој успех дополнително ја потврдува важноста на македонската кинематографија и нејзиниот потенцијал за меѓународно признание.