Доколку не се регулира крвниот притисок, поголеми се шансите за развој на срцеви заболувања и мозочен удар. Кога станува збор за исхраната, сите луѓе, особено оние со висок крвен притисок, треба да внимаваат на дневниот внес на сол.
Американското здружение за срце препорачува ограничување на сол на 1.500 милиграми дневно, што може да биде особено тешко да се следи ако јадете многу надвор.
Диететичарката Даниел Крамбл Смит открила дека „со готвење дома, можете да користите свежи состојки и да ги избегнете прекумерните количини на сол и конзерванси кои често се наоѓаат во оброците во рестораните“.
Одењето во ресторан, каде што само треба да седнете и да нарачате храна, за многумина може да биде релаксирачко, но диетичарите сметаат дека готвењето дома има многу предности.
„Рестораните се познати по големите порции, што може да доведе до прејадување, главен фактор на ризик за дебелина, што е поврзано со високиот крвен притисок. Со готвење дома, поголема е веројатноста да внесувате помалку калории, што може да помогне да се одржи здрава тежина и, следствено, да се намали крвниот притисок“, објаснува Крамбл Смит.
Таа смета дека еден од проблемите при конзумирање на храна во рестораните е тоа што методите на подготовка често ја намалуваат хранливата вредност на храната.
„Методите како готвење на пареа и печење помагаат да се зачуваат хранливите материи во храната, особено витамините растворливи во вода (како што се витаминот Ц и некои витамини од групата Б) кои се клучни за одржување на оптималниот крвен притисок“, додава таа.
Многу рецепти бараат додавање сол, но Крамбл Смит предлага да користите билки и зачини за природно зачинување. Таа препорачува солта да се замени со зачини како босилек, оригано, куркума, ѓумбир, а можете да користите и оцет.
За оние кои имаат проблеми со висок крвен притисок и сакаат да го ограничат внесот на сол што е можно повеќе, диетичарката го советува следново:
„Измијте ја целата конзервирана храна или изберете разновидна храна со ознака без додадена сол. Обрнете внимание на храната со ‘скриени’ соли, како леб, сувомеснати производи, сосови, супи, замрзнати готови оброци и слично.“
Ако не можете да ја исфрлите солта од вашата исхрана, диетичарите препорачуваат да се обидете да го балансирате нивото на сол со јадење храна богата со калиум, како што се банани, кајсии, спанаќ, грав и јогурт.
„Овие намирници му помагаат на телото да го елиминира вишокот сол и да ја намали напнатоста на ѕидовите на крвните садови, а заедно помагаат во намалување на крвниот притисок“, заклучува диетичарката.