Музејот Лувр повторно го отворија своите врати утрово по кражбата на француските кралски драгоцености која ја шокираше јавноста. Полицијата сè уште интензивно трага по четворицата крадци кои среде бел ден, во кражба што траеше само четири минути, одзеле осум непроценливи предмети од познатата Сала на Аполон, извести NBC News.
Парискиот обвинител Лор Беко потврди вчера во телевизиско интервју дека проценетата вредност на украдените драгоцености изнесува 88 милиони евра.
Безбедносни пропусти
Директорката на музејот, Лоренс де Карс, ќе одговара на прашања пред одборот за култура на францускиот Сенат во текот на денот. Овој инцидент предизвика национална расправа за нивото на безбедност во клучните културни институции.
Кражбата го зададе тежок удар на францускиот национален престиж, кој веќе беше нарушен од политички превирања и социјални немири. Францускиот министер за внатрешни работи изјави во понеделникот дека овој настан создаде „негативна“ и „тажна“ слика за земјата во светот.
Што знаеме за истрагата?
Париските обвинители ја довериле истрагата на специјализирана единица позната како BRB, која често работи на кражби со висок профил. Поранешен офицер кој служеше во единицата откри дека токму BRB ја водеше истрагата за кражбата кај Ким Кардашијан во 2016 година, кога банда упадна во нејзиниот париски стан, ја врза и избега со накит вреден околу 5,54 милиони евра.
Паскал Шкудлара, поранешен член на единицата, објасни дека BRB има околу 100 агенти, од кои повеќе од десетина се специјализирани за кражби во музеи. Истражителите ги прегледуваат видео снимките, телефонските записи, форензичките докази и разговараат со информирани лица.
Шкудлара рече дека BRB „може да има тимови кои работат 24 часа дневно, 7 дена во неделата и тоа подолг временски период“, додавајќи дека е „100% сигурен дека крадците ќе бидат фатени“.
Детективот за уметнички дела Артур Бренд, кој помага на полицијата низ Европа, додаде дека истражителите ќе прегледуваат снимки од надзорни камери со недели наназад во потрага по сомнителни лица кои можеби ја разведувале галеријата.
Кои се сторителите?
Експертите веруваат дека само мал круг криминалци е способен да изведе ваква дрска кражба и дека веројатно веќе им се познати на полицијата. Експертот за кражби на уметнички дела Ентони Аморе изјави за Sky News дека сторителите „веројатно се европска криминална банда“.
Освен еден од украдените предмети – круна која припаѓала на царицата Евгенија, сопруга на Наполеон III – а која беше пронајдена на местото на настанот, француската министеркa за култура Рашида Дати потврди дека полицијата пронашла и „моторици и регистарска табличка“.