Израелската безбедносна компанија CGI Group објави дека е контактирана од лицата кои стојат зад кражбата на накит вреден 88 милиони евра од Лувр во Париз, со цел да преговараат за тајна продажба на дел од пленот преку darknet.
Како што изјави извршниот директор Цвика Навех, компанијата добила шифрирана порака пет дена по кражбата, од лице што тврдеше дека ги претставува крадците. „Понудата беше јасна – 24 часа за преговори на darknet за продажба на дел од накитот,“ изјави Навех.
CGI Group вели дека спровела неколку шифрирани разговори со претставникот на крадците, при што добила „докази дека тие навистина поседуваат некои од украдените предмети.“ Според него, сторителите биле во бегство и сакале брзо да се ослободат од пленот.
Компанијата потоа, преку посредник, ја контактирала управата на музејот Лувр, но тврди дека музејот шест дена не одговорил на понудата. Навех ја критикува одлуката, нагласувајќи дека станувало збор за ретка шанса да се врати дел од накитот:„Изгубивме кредибилитет пред крадците, а Лувр пропушти можност да го поврати накитот. За жал, изгледа дека егото и околебувањето одлучија наместо разумот.“
Француските власти сè уште ја истражуваат една од најсмелите уметнички кражби во Европа во последните години, додека еден од главните осомничени сè уште е во бегство.