Лука Хаџи Јорданов – единствениот Македонец со стипендија за математички науки за Сорбона

Лука Хаџи Јорданов е првиот Македонец кој добил престижната PGSM стипендија за магистерски студии на универзитетот Сорбона во Франција, кој се наоѓа на 4-то место во светот за студии по математика според Шангајската листа. Оваа година, 32 студенти ја добија оваа стипендија во првиот рок за аплицирање, а вкупно 44 студенти ќе ја добијат стипендијата.

Стипендијата PGSM (Paris Graduate School for Mathematical Sciences) се доделува за студирање на универзитетите Sorbonne, Paris Dauphine и Paris Cité од 2010 година. Иако точниот број на кандидати годинава не е објавен, во 2022 година 1023 кандидати аплицирале за овие факултети, од кои само 41 ја добиле стипендијата, што значи дека помалку од 5% од апликантите успеале да ја добијат. Лука исто така аплицирал и бил примен на Оксфорд, кој се наоѓа на 3-то место на Шангајската листа за математика.

Натпреварувајќи се по математика уште од осмо одделение, Лука учествувал на околу 50 олимпијади, освојувајќи медал на околу 30 од нив, што е рекорд меѓу македонските олимпијци по математика, а можеби и во која било друга наука. Годинава дипломирал теориска математика на Математичкиот факултет при Универзитетот во Белград, кој е највисоко рангираниот универзитет на Балканот според Шангајската листа. Четиригодишните студии ги завршил за 3 години со просек 10.0, положувајќи ги последните 18 испити (од 40 вкупно) во рок од 6 месеци, вклучувајќи и 11 испити положени во една споена испитна сесија. Лука верува дека е единствениот студент во Србија што успеал да го постигне ова откако е воведена Болоњската декларација во оваа земја од 2003 година.

Преземено од Рацин.мк

Најново

Последни колумни