По повеќе од половина век пауза, човештвото повторно се подготвува да тргне кон Месечината. НАСА во февруари ја планира мисијата Artemis II, првата екипирана лунарна мисија по легендарната Apollo 17 во 1972 година, со што започнува ново поглавје во истражувањето на длабоката вселена.
Мисијата ќе испрати четворица астронаути на историско патување околу Месечината, без слетување на нејзината површина, но со огромно стратешко, технолошко и научно значење.
Што е Artemis II?
Artemis II е втората мисија во програмата Artemis, која НАСА ја започна во 2017 година со цел враќање на луѓето на Месечината и, на подолг рок, испраќање човечка мисија на Марс.
По успешната неекпирана мисија Artemis I во 2022 година, ова ќе биде првиот лет со луѓе на новото вселенско летало Orion, лансирано со моќната ракета Space Launch System (SLS).
Кога ќе се случи мисијата?
Првично планирана порано, НАСА го одложи лансирањето поради ниските температури на лансирната рампа во Флорида. Новата цел е не порано од 8 февруари 2026 година.
Artemis II е замислена како целосен тест од почеток до крај – од лансирање, патување во длабока вселена, орбита околу Месечината, до враќање на Земјата со брзина од околу 40.000 km/h, најголема во историјата за луѓе.
Мисијата е споредлива со Apollo 8 од 1968 година, кога астронаутите за првпат ја обиколија Месечината без слетување
Зошто мисијата е толку важна?
Иако нема да има „чекор на Месечината“, Artemis II има огромна политичка и научна тежина. Таа покажува дека САД и нивните партнери се сериозни во намерата да изградат долгорочно човечко присуство надвор од ниската Земјина орбита.
„Ова е огромна пресвртница за НАСА – првпат екипаж ќе ја види далечната страна на Месечината“, изјави Џон Пернет-Фишер, истражувач од Универзитетот во Манчестер.
Кој е во екипажот?
Екипажот го сочинуваат: Рид Вајсман (командант) – САД, Виктор Гловер (пилот) – САД, Кристина Кох (специјалист) – САД, Џереми Хансен (специјалист) – Канада.
Учеството на Канада ја нагласува меѓународната димензија на програмата, која веќе вклучува над 60 држави потписнички на Artemis Accords.
Што ќе прават астронаутите?
За време на околу 10-дневната мисија, астронаутите ќе ги тестираат системите за воздух, вода и безбедност, ќе јаја испробаат новата вселенска санитарна технологија и ќе ги потврдат перформансите на Orion и SLS во длабока вселена.
Што следува по Artemis II?
Успешната мисија ќе го отвори патот за Artemis III, која треба повторно да донесе луѓе на површината на Месечината, како и за изградба на Lunar Gateway – орбитална станица околу Месечината.
Леталото Orion користи Европски сервисен модул, произведен во Германија, кој обезбедува електрична енергија, кислород, вода и стабилност на летот – уште еден доказ за глобалната соработка зад оваа мисија.
Извор: AP News / Euronews
