Луѓето повторно одат на Месечината, само што овој пат не е за фотка

По повеќе од 50 години од Аполо 11, Артемис II ја започнува новата лунарна ера. Но ова не е само враќање на Месечината, туку нова трка за влијание, ресурси и правила во вселената.

Поминаа повеќе од 50 години откако Нил Армстронг стапна на Месечината и кажа: „Oва е мал чекор за човекот, голем за човештвото“. Во 2026, човештвото повторно тргнува таму. Само што овојпат чекорот не е мал, а ни невин.

На 1 април полета Артемис II, првата мисија со луѓе кон Месечината по половина век. Да, звучи како déjà vu. Ракета, астронаути, орбита, Земјата како сина убава топка во темнината. Истата сцена, истата романтика. Само што контекстот е сосема друг.

Овојпат, не се оди на Месечината за да се покаже дека можеш. Се оди за да се остане.

Од „трка до Месечината“ до „трка чија ќе биде Месечината“

Во 60-тите, САД и Советски Сојуз се тркаа кој прв ќе стигне. Победија Американците, поставија знаме и се вратија дома. Крај на приказната. Денес, приказната нема крај. Затоа што никој не планира да си оди и да не се врати уште наредни 50 години. Со НАСА и програмата Артемис, САД не само што се враќаат, тие градат систем. Бази, орбитални станици, партнерства. Нешто што звучи повеќе како инфраструктура отколку како авантура. И не се сами.

Кина планира да испрати луѓе на Месечината до 2030 година. Заедно со Русија, веќе работат на сопствена лунарна станица. Две визии, две архитектури, две иднини, иста дестинација. Месечината повторно е терен. Само што овојпат не за знаме, туку за влијание.

Што всушност бараме горе?

Прашањето не е „зошто одиме на Месечината“. Прашањето е што сакаме да правиме таму?

Одговорите звучат научно: истражување, ресурси, подготовка за Марс. Но меѓу редови, има и друга приказна а тоа е правила, контрола и присуство. Со договорите наречени Artemis Accords, САД веќе поставуваат стандарди за тоа како ќе се користи Месечината. До сега, над 60 држави се приклучиле. Тоа не е само наука. Тоа е дипломатија во вселената. Кој ќе ги постави правилата, тој ќе ја пишува иднината.

Земјата од далеку изгледа иста. Само ние не сме

Најпознатата фотографија од Аполо мисиите беше „Earthrise“ , Земјата како изгрева над хоризонтот на Месечината. Мала, кревка, без граници. Денес, на сликата направена од стронаутите од Артемис II, Земјата пак изгледа мирно. Но ние веќе не сме тие луѓе од 1969. Сега имаме климатска криза, енергетски битки, нови геополитички линии. И сите тие проблеми, на некој начин, ги носиме со нас и во вселената. Месечината не е бегство. Таа е продолжение на она што го правиме.

Артемис II не е само лет туку и најава. Следуваат нови мисии кои планираат да останат. Потоа можеби и луѓе што никогаш нема да се вратат на Земјата. Можеби звучи како научна фантастика, ама веќе е план.  И затоа, ако Аполо беше приказна за „прв пат“, Артемис е приказна за „засекогаш“.

Можеби целата оваа трка не е за Месечината. Можеби е за тоа како функционираме како цивилизација кога ќе излеземе надвор од Земјата. Дали ќе носиме сојузништва или конфликти? Дали ќе делиме или ќе присвојуваме?

Затоа што, ако нешто научивме од историјата тоа е дека каде и да одиме, таму ги носиме и нашите навики. Па следниот пат кога ќе видиш вест дека луѓето пак одат на Месечината, не читај ја како технолошка приказна. Читај ја како политичка. И можеби малку и како предупредување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни