Жешко скопско лето, приквечерина во Карпош и гласот на Мирко кој одекнува од мобилниот:
Ние сме снажни, ние сме јаки,
луѓе од градови…
Уморни сме да го гледаме тоа што пропаѓа овде, можеби и затоа што тоа се толку многу работи. Многу добро ги знаеме почетоците и краевите на нашите јадови во Скопје, особено во последно време. Во постојано движење, споредбите со другите европски градови и нивните простори секако формираат слики на споредба, кои тешко се искоренуваат при секое слетување дома.
Не можам да го игнорирам тоа што му се случува на градот, подлабока состојба која бара колективен ангажман, учество и многу повеќе, ама сè уште верувам во добри екипи на луѓе тука, и тоа е првата појдовна точка на мисливе која можам да ја уловам. Додека Луѓе од градови неколку пати оди во позадина, сфаќам дека мора да ги артикулирам чувствата што ги пројавува баш во оваа насока: претопло е, лето е, ништо не е совршено, ама гледам точки на надеж и отпор околу себе континуирано. Сите од нив имаат име, сите тие носат некаква нежност, надеж и активизам во себе.
Мислам на луѓето кои и покрај сè го одбираат Скопје како нивен дом и одлучиле да го живеат најавтентично што можат, кои се обидуваат да работат и создаваат за тој град, неговата култура и неговите идеи. Тоа не исклучува многу нервози, главоболки и обесхрабреност, совршено ни е јасно на сите. Луѓе кои ја препознаваат заедницата овде како простор за раст и трансформација и активно инсистираат да ја менуваат. Овие луѓе ги гледам секој ден, гледам колку се борат и се обидуваат, знам колку се уморни, ама тука се. Отвораат мали книжарници, водат мали издавачки куќи, се бават со уметност, работат во културни институции, медиуми, дејствуваат преку невладиниот сектор, работат три работи паралелно и така натаму. Поради таквите како нив, многу работи овде имаат смисла, иако сизифовската борба со системот и предизвиците да се живее и твори тука, се тема за посебен текст.
Пишувам за луѓето во овој град што активно се движат наоколу и го следат тоа што се случува, со кои конструктивно се дискутира, се движи, се создава. Знаат да се појават таму каде што треба, знаат колку е зафркнат тој систем на поддршка онаму каде многу често културните настани и публиката се сведува на неколку исти лица. Ама, тука се и продолжуваат, тераат битка на повеќе фронтови, чии резултати веројатно ќе ги гледаме неколку години подоцна, навраќајќи се на муабетот за градот и неговите јадра на култура, живот и социјализација. Секогаш кога се плашам дека го губиме Скопје се вртам кон мислите за овие наши ликови кои неосетно го движат низ годиниве и можеби се уморни и им треба уште помош и поддршка.
Да не се плашиме дека е предоцна, туку храбро да влетаме во постоечките напори. Немаме баш многу избори инаку. Ајде да пробаме и да видиме колку може да направиме. Со помалку суета, со повеќе идеи. Скопје има креативен потенцијал кој секогаш чека да биде искористен. Има тука многу млади луѓе кои веќе крчкаат нова атмосфера во градот, има простор за соработка, има желба да се менуваат работите, има многу простор за меѓугенерациско учење и заедништво. Има тука прекрасни луѓе кои долго време поместуваат планини, кои би сакала сите да ги знаат. Кои би сакала да чувствуваат дека тие нивни напори не се залудни.
Мене ова ми звучи како добар план и планирам да бидам дел од него. Немам проблем ако тоа звучи премногу идеалистички. Придружи ми се и се гледаме на некој настан во градов.