Луѓето кои се изложени на повисоки нивоа на загадување на воздухот подолг временски период имаат поголема веројатност да развијат одреден вид тумор на мозокот познат како менингиом, покажа нова студија.
Иако овој тумор обично не е канцероген, може да предизвика сериозни здравствени проблеми поради притисок врз околните мозочни ткива, нерви или крвни садови.
Во студијата, научниците следеле речиси четири милиони возрасни лица во Данска 21 година. Во тој период, околу 16.600 луѓе развиле тумори на централниот нервен систем, вклучувајќи 4.600 случаи на менингиом.
Истражувачите ја процениле изложеноста на испитаниците на различни форми на загадување, вклучувајќи емисии од сообраќај и дизел мотори, во период од десет години.
Анализата покажа дека луѓето кои биле повеќе изложени на загадување имале поголем ризик од развој на менингиом, иако не е пронајдена силна врска помеѓу загадувањето и поагресивните тумори на мозокот, како што е глиомот.
Најголемиот ризик доаѓа од ултрафините честички од издувните гасови, чадот и индустриските емисии.
Важно е да се напомене дека студијата не докажува дека загадувањето на воздухот предизвикува менингиоми, туку само укажува на постоење на врска помеѓу двата фактори. Сепак, ова истражување дополнително потврдува дека загадувањето на воздухот може да има негативно влијание врз здравјето на луѓето, вклучително и мозокот.
Според Ула Хвидтфелт, виш истражувачки соработник во Данскиот институт за рак и еден од авторите на студијата, иако истражувањето за ефектите од ултрафините честички е сè уште во рана фаза, овие наоди укажуваат на можна врска помеѓу изложеноста на овие честички од сообраќајот и развојот на менингиом.
Тој додава дека студијата покажува како загадувањето на воздухот може да влијае не само на белите дробови и срцето, туку и на мозокот.
Студијата е објавена во престижното списание „Неврологија“, објавено од Американската академија за неврологија.
Истражувањето, исто така, фрла нова светлина врз менингиомите, со оглед на тоа што научниците сè уште не ја знаат точната причина за нивното формирање.
Меѓу познатите фактори на ризик се изложеноста на зрачење во детството и генетското нарушување Неврофиброматоза тип 2.
Студијата има одредени ограничувања.
Имено, истражувачите ја процениле изложеноста на загадување врз основа на квалитетот на воздухот во местата на живеење, без да ја земат предвид изложеноста на загадување на работното место или количината на време поминато во затворен простор.
Конечно, Хвидтфелд истакнува дека се потребни повеќе истражувања за да се потврдат овие резултати.
„Доколку намалувањето на загадувањето може да го намали ризикот од тумори на мозокот, тоа би бил важен чекор за јавното здравје“, заклучува Хвидтфелд.