Според анализата на порталот Cybernews, системот за видеонадзор на музејот Louvre користел лозинка „Louvre“, идентична со името на институцијата. Информацијата произлегува од документ на француската Национална агенција за сајбер безбедност (ANSSI) и повторно го отвори прашањето за дигиталната заштита во јавните институции.
Откритието следува по октомврискиот грабеж во кој од музејот беа одземени историски предмети во вредност од приближно 88 милиони евра. Иако не е потврдено дека кражбата е поврзана со оваа безбедносна слабост, случајот укажува на потребата за посистематска модернизација на ИТ-инфраструктурата.
Според Cybernews, музејот и порано добивал препораки да ги замени старите оперативни системи што не поддржуваат безбедносни ажурирања. Експертите посочуваат дека проблемот не е единствен за Лувр, туку дека многу јавни и културни институции се соочуваат со недоволни ресурси и недостиг од технички кадар за одржување на дигиталната безбедност.
„Културните установи сè повеќе стануваат потенцијални цели не само поради материјалната вредност на експонатите, туку и поради нивната репутација. Затоа е важно да се воспостават минимални стандарди на сајбер заштита — исто како и за физичката безбедност,“ наведуваат експертите цитирани во извештајот.