Краткометражниот игран филм „ЛОЈНС“, во режија на Доријан Жесперс, а во копродукција на скопската Веда Филм, е официјално селектиран за програмата на Berlin Critics’ Week 2026, која ќе се одржи од 9 до 17 февруари во Берлин.
Фестивалската програма започнува на 10 февруари во киното Hackesche Höfe Kino, а Berlin Critics’ Week се одвива паралелно со Берлинале, како независно курирана платформа фокусирана на најсмелите и најрелевантни авторски филмови од тековната фестивалска сезона. Програмата е препознаена како простор за критички дијалог и внимателна селекција на филмови што ги поместуваат границите на филмскиот јазик.
Во својата официјална најава, селекторите на Berlin Critics’ Week го истакнуваат авторскиот пристап на Жесперс:
„Доријан Жесперс се чини дека не ги смета за свети ниту судските драми, ниту соновните секвенци. Во својот краток филм ‘ЛОЈНС’, тој избира безвременска судница како сцена за кафкијанска фарса и со голем ентузијазам продолжува да крши безброј правила на наративното кино.“
Тие потсетуваат и дека режисерот е во фокусот на критиката уште од неговиот наградуван дипломски филм Sun Dog, изразувајќи интерес за неговиот најнов авторски исказ.
„ЛОЈНС“ е кафкијанска судска драма сместена во Ливерпул во 19 век, која го следи судењето на тело без име и без минато. Стотина луѓе се собираат околу оваа апсурдна церемонија, со надеж дека правдата можеби ќе биде спроведена. Филмот е снимен во Англија, Северна Македонија, Белгија и Кина, а снимањето во Ливерпул и Скопје го водела македонската продуцентка Елена Станишева.
По светската премиера на Канскиот филмски фестивал 2025, во програмата Directors’ Fortnight, филмот беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали и номиниран за Европската филмска награда за краток филм – Prix Vimeo, во рамки на 38-мото доделување на Европските филмски награди.
Селекциите на Кан 2025, Берлин и Клермон-Феран 2026 претставуваат значајно меѓународно признание за филмот и за целиот авторски и продукциски тим. „ЛОЈНС“ е македонска малцинска копродукција, поддржана од Агенцијата за филм на Северна Македонија и Гете-институтот во Скопје, како и од националните и регионалните фондови на Белгија и Франција.
