Louis Vuitton покрена правна постапка тврдејќи дека иницијалите LV на шишињата од ликерите на дестилеријата се речиси идентични со нивниот заштитен знак. Како што наведуваат, сличноста е не само визуелна, туку и фонетска и концептуална, што може да ги доведе потрошувачите во заблуда – особено бидејќи двата бренда се регистрирани во иста категорија производи.
Но, сопственикот на дестилеријата, Андре Фереира, ја раскажува приказната поинаку. Тој објаснува дека логото е инспирирано од природата и локалниот пејзаж – буквата „L“ означува „liqueurs“ (ликери), „V“ за „valley“ (долина), а превртеното V симболизира планини што го опкружуваат селото Лонгос Валеш. Производството, вели тој, почнало како хоби, а ликерите сè уште не се ниту на продажба.
Иако брендот бил регистриран во јануари 2025 година, Louis Vuitton веднаш ја оспорил таа регистрација, оставајќи ја иднината на малата дестилерија неизвесна.
Веста брзо се прошири на социјалните мрежи, каде што голем број корисници ја поддржаа португалската дестилерија, гледајќи во случајот борба на Давид против Голијат. Licores do Vale има нешто над 1.000 следбеници на Instagram, додека Louis Vuitton располага со армија од фанови и моќни правни тимови.
Експертите велат дека конечната одлука ќе зависи од тоа колку навистина се слични логата и дали можат да ги збунат потрошувачите. Но едно е сигурно – малата дестилерија преку ноќ стана позната ширум светот и веќе ја користи таа популарност како ветар во грб за понатамошна промоција.